АРХИВА: Фамилијарно-партиска армија на ВМРО-ДПМНЕ во администрацијата

by Fokus

Текстот е објавен на 10 јули, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1031

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

 Сопругата на Георг Шмит, претседателот на пратеничката група во германската покраина Баварија, пред неколку години се вработила како секретарка во државна институција и тоа со плата која достигнува и до 5.500 евра месечно. Но, нејзината кариера не траела долго време, откако во јавноста пукнала аферата за вработување по роднински врски, при што таа морала да даде отказ. Ваквиот скандал повлекол уште 20 откази на сопруги, браќа, сестри, синови и ќерки на пратеници во Германија, кои според обвинувањата биле вработени по партиски клуч и роднински врски.

Во некои држави, пак, како Словнија имаше дури и протести против семејните кланови во здравството, образованието, културата… Пред неколку години околу 100 демонстранти протестираа во Љубљана против развиената корупција и непотизам. Тие со транспаренти шетале пред сите министерства и државни институции обвинувајќи за вработувања со партиски книшки и по роднински врски. Ваквите протести се одржувале во сите градови, секоја сабота неколку месеци со ред. Можеби ситуацијата не се променила од корен, но барем биле поништени повеќе конкурси за вработување каде предвреме се знаело кој ќе тргне на работа.

Ситуацијата во Македонија со непотизмот и партиско-политичката дискриминација при вработувањето е далеку подраматична, но за разлика од Германија и Словенија, во земјава досега никој не добил отказ од работа затоа што е близок роднина на некој партиски функционер, ниту пак бил поништен некаков конкурс, ако предвреме се знае кому ќе му припадне работното место. Власта едноставно со години останува глува на нападите и обвинувањата на опозицијата дека во сите државни институции се вработуваат главно роднини и пријатели на партиските функционери на ДПМНЕ.

„Фокус“ истражуваше кои се луѓето кои по систем на партиски и фамилијарен непотизам се вработени во министерствата, државните институции, општините и јавните здравствени институции. Зошто нивните имиња и презимиња ги крие власта? Зошто Државната комисија за спречување на корупцијата не реагира на обвинувањата и не поведе постапка против ваквите случаи?

 ИМПРЕСИВНА ЛИСТА НА ВРАБОТУВАЊА ПО РОДНИНСКИ ВРСКИ

Во последните девет години откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, неофицијалните бројки покажуваат дека во државната и јавната администрација бројката на вработени двојно се зголемила и достигнала до неверојатни 180.000! Млади, неискусни и алчни за моќ. Ваков е описот на дел од вработените кадри, кои најчесто ги заземаат работните места советници, портпароли и шефови на кабинети, сметајќи дека тие се едни од најатрактивните работни места. Но, факт е дека на тие столчиња не може да седне секој. Според обвинувањата на опозиционерите, за такво работно место се потребни дебели роднински врски и нормално – партиска книшка.

Непотизмот, односно привилегијата на политичките моќници да им обезбедат бенефиции на блиски роднини е тема за која честопати е пишувано, но секогаш е актуелна, а особено во периодот кога има нови вработувања. Се разбира, тоа е најчесто за време на изборите, но со оглед на тоа дека во последните девет години во земјава имаше осум изборни циклуси, вработувањата се првото ветување за да се добие глас повеќе. Интересно е тоа што за дел од нив, министрите јавно се фалат и се сликаат, но за дел мудро молчат затоа што според нив, тоа би предизвикало негативни и бурни реакции во јавноста. Партиските функционери најчесто молчат кога своите блиски ги вработуваат во општините, претпријатијата и болниците во кои работат затоа што постои судир на интереси. Па, така, зад затворени врати и подалеку од очите на јавноста многу сопруги, ќерќи и синови се здобија со добри работни позиции.

Во јавноста е познато е дека сопругот на поранешната прва полицајка Гордана Јанкулоска, Влатко е вработен како советник во кабинетот на премиерот Никола Груевски, но затоа пак сопругата на екс министерот Миле Јанакиески, Сања не работи ниту во државна, ниту во јавна администрација. Таа е вработена во Охридска банка. И, двајцата министри си поднесоа оставки од своите функции, наводно за да понесат политичка одговорност по обелоденувањето на „бомбите“ што ги објави лидерот на опозицијата Зоран Заев.

Пред една година, големо внимание во јавноста предизвика и вработувањето на Бојана Ацева – Андонова, сопругата на министерот без ресор, задолжен за странски инвестиции Веле Самак. Таа добила шефовско место во германската компанија „Маркарт“ во Велес, фабрика за производство на автомобилска електроника што лани во септември почна со работа. Дека постои конфликт на интереси потврдува и тоа што, баш таа странска инвестиција во Македонија ја донесе токму министерот Самак. Откако се крена голема прашина во јавноста за овој случај, Антикорупциската комисија изрече само јавна опомена до министерот без ресор и така се заврши.

Но, за да биде ситуацијата уште поапсурдна, при крајот на 2014 година, Наташа Сламкова, сопруга на тогашниот прв антикорупционер Ѓорѓи Сламков тргнува на работа во Централниот регистар во Гевгелија на позицијата референт за регистрација. Таа во моментот е студент на Факултетот за туризам и логистика. Сламков во тој период не е на функција да влијае директно на вработувањето на сопругата, но според обвинувањата на опозицијата, благодарение на него, таа тргнала таму на работа.

Сепак, ова не се единствените семејно-роднински врски во партијата на власт. Пред повеќе од една година, на работа во Министерството за внатрешни работи тргна Дејана Недељковиќ, ќерка на заменик министерот за култура Драган Недељковиќ. Таа во МВР работи во делот за односи за јавност како портпарол, каде најчесто со медиумите ги споделува дневните билтени кои стигаат од сите полициски станици во министерството.

Во овој круг е и Маја Маркова – Котевска, сопругата на помошник министерот во МВР, Иво Котевски, која со стаж од само три години како судија во Основен суд беше избрана за судија во Апелациониот суд. Од друга страна, нејзиниот брат е адвокат, чие адвокатско друштво во последните девет години за време на владеењето на „вмровците“ успеа да собере импресивна листа на клиенти, а повеќето од нив се политички моќници од ДПМНЕ. Меѓу неговите клиенти може да се најде и очната лекарка од Градската болница „8 септември“, за која „Фокус“ објави дека го оштетила видот на околу 50 пациенти со ласерска операција на катаракта (перде).

Имуни на непотизмот не се ниту актерите, ниту режисерите во театрите низ земјава. Веќе подолг период таму, дел од нив се поделени на „бранители“и предавници. Едни ја „бранат“ државата од непатриотите, а другите добија етикета предавници само затоа што се спротиставија на политиките на Груевски. Еден од режисерите што секојдневно ја „спасува“ државата е Братислав Димитров, кој е дел од таканареченото „Граѓанско движење за одбрана на Македонија“. Неговиот син Димитар непосредно пред формирањето на здружението почнал со работа во Македонскиот народен театар како веб -дизајнер на неопределно работно време и со плата од 22.000 денари.

НЕПОТИЗМОТ МЕТАСТАЗИРА ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО

Темата непотизам честопати беше причина за кавги на собраниските седници, каде пратениците меѓусебно постојано се обвинуваа за партиски и семејни вработувања, за тоа кој повеќе вработил од своето семејство и на какви раководни функции се поставени? Според досегашните пишувања во медиумите и новинарските истражувања, партиски и семејни вработувања има во речиси сите области, но најмногу метастазираат во јавното здравство.

Но, да почнеме од врвот и од првиот човек во здравството Никола Тодоров. Тој на министерското столче седи повеќе од три години, а во меѓувреме на скопскиот Институт за туберкулоза работи неговата балдза, сестра на неговата сопруга, Анита Поповска, на функцијата економски директор, односно втор човек на клиниката. Таа зема плата од околу 1.500 евра. Поповска се вработи на клиниката откако владејачката гарнитура одлучи со јавните здравствени установи да раководат по двајца директори, еден медицински и еден економски, преку врзан потпис. По само две години, проектот пропадна, но на клиниките се уште останаа по двајца директори. Исто така, со скопскиот Институт за патологија раководи вујната на министерот Тодоров, Гордана Петрушевска. Исто така, додека тој раководеше со секторот образование, неговиот татко Стојан истовремено беше генерален секретар на Владата. Тој под притисок на јавноста си поднесе оставка наводно поради конфликт на интереси.

Во последните неколку години само во здравствениот сектор се вработија многу синови и ќерки на познати директори, но и на поранешни и актуелни функционери во владејачката партија. Една од нив е Дафина, ќерка на поранешната претседателка на Пописната Комисија и член на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска. Таа работи на скопската Клиника за гастроентерохепатологија. Нејзината мајка беше и в.д претседател на ВМРО-НП, за подоцна повторно да се врати во старото гнездо. Јаневска дури беше и еден од кандидатите за ректор на скопскиот универзитет.

На скопската Клиника за токсикологија пред неколку години е вработен и доктор Ивица Смоковски, ендокринолог, кој истовремено работи и во кабинетот на Тодоров како негов советник за дијабетес. Смоковски пред неколку месеци беше гостин во емисијата „Јади Бурек“ на телевизијата „Сител 3“, каде ги бранеше ставовите на првиот човек во здравството, а ги обвинуваше дијабетичарите, кои се жалеа дека има недостаток на инсулин и дека ресорното министерство им набавува нов вид инсулин, кој според нив може само повеќе да им наштети на здравјето и да ги доведе до инсулинска кома. Според коментарите во јавноста, тој од одредени причини не бил примен на Клиниката за ендокринологија, но затоа вратите на токсикологија, каде директор е доктор Андон Чибишев, сега пратеник од ДПМНЕ, му биле ширум отворени. Од друга страна, ќерката на Чибишев почнала со работа на Гинеколошката клиника.

Исто така, вработен на Торакална хирургија е и Марјан Шокаровски, брат на пратеникот од Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Харлампие Шокаровски. Тој е член на Извршниот одбор на Лекарската комора. Додека, пак, синот на претседателот на Лекарската комора, Кочо Чакаларовски е вработен на скопската Клиника за онкологија, а таму е вработена и сопругата на Игор Николов, исто така член на Извршниот одбор на Лекарската комора и брат на екс-директорот на ЈСП, Мишо Николов. Доктор Николов работи на Клиниката за нефрологија и во моментов е економски промотор во Франција, функција која доаѓа преку Агенцијата за привлекување странски инвестиции и промоција на извозот. Македонија од 2008 година го испрати првиот економски промотор во Италија и оттогаш веќе седум години вложува во овие луѓе, но досега никој, ниту од Агенцијата, ниту пак некој од власта не излегол јавно да каже дали и кои промотори се заслужни за некоја конкретна инвестиција во земјава. Неколку пати се потрудивме да го добиеме доктор Николов, но до затворањето на весникот не добивме одговор на нашите прашања.

Пред четири години на скопската Клиника за неврохирургија на работа беше примен синот на Виктор Камиловски, актуелен претседател на Советот на општина Центар и висок партиски функционер. Во тој период, медиумите објавуваа дека синот на Камиловски бил примен без стручен испит, при што настана конфликт меѓу Лекарската комора од една страна и министерството за здравство од друга. Едните тврдеа дека лекар ни случајно не може да се вработи и да врши здравствена дејност без положен стручен испит, додека од ресорното министерство беа категорични дека нема ништо спорно да се прими во работен однос лекар што нема положено стручен испит.

Исто така, на скопската Клиника за торакална хирургија со работа почна и синот на доктор Горан Кондов, член на професорскиот контра-пленум, кој е вработен на истата клиника, кај што работи татко му.

АНТИКОРУПЦИСКА Е ТУКА ЗА ОПОЗИЦИЈАТА, НО НЕ И ЗА ВЛАСТА

Но, каде во целата приказна е Државната комисија за спречување на корупцијата? Само во последните неколку години се сменија неколку раководства и неколку претседатели, но, сепак антикорупционерите останаа непознати и анонимни за јавноста. Според досегашните искуства, овој навидум независен орган, досега не покренал ниту еден случај против висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, иако досега имало куп обвинувања на нивна адреса.

Таков беше случајот, кога пратеничката на СДСМ, Радмила Шеќеринска пред две години на собраниската говорница го отвори прашањето за енормно зголемената имотна состојба на тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков според имотните листови, но одговорите ги побара директно од премиерот Груевски.

Антикорупционерите ниту тогаш не се најдоа повикани да покренат постапка и да ја проверат имотната состојба на Мијалков, но затоа пак покренаа постапка да ги прочешлаат податоците во анкетниот лист на заменик – претседателката на опозицискиот СДСМ.

До каде оди селективниот пристап на оваа Комисија покажува и последниот случај, каде што пред само неколку денови антикорупционерите испратиле допис до Јавното обвинителство со кој бараат кривично да го гонат лидерот на СДСМ и тоа за три различни случаи. Но, од друга страна не се заинтересираа ниту за еден од случаите што ги објави Заев во дури 38 „бомби“ каде се обвинуваат премиерот и неговите најблиски соработници за коруптивни зделки, непотизам, прикривање на убиства….

Но, тоа не е се. По истиот приницип, Државната комисија за спречување на корупцијата функционира веќе подолг период. Тие, пред неколку години поведоа  прекршочна постапка против градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски по нападите од ВМРО-ДПМНЕ дека своите политички позиции ги злоупотребува за лично богатење. Антикорупционерите покренаа постапка, но не за текот на изборната кампања, туку во врска со анкетниот лист во периодот на 2006, 2008 и 2011 година во времето додека бил пратеник.

Исто така, во тој период Антикорупциска отвори предмет против опозицискиот лидер во кој проверуваа дали има вистина во обвинувањата од партијата на власт дека струмичкиот градоначалник им делел тендери само на најблиските во своето семејство.

По овој терк „работи“ Државната комисија за спречување на корупција, а за нивниот селективен пристап јавно прозбори и поранешната антикорупционерка Вања Михајловска. Таа е убедена дека се додека ВМРО-ДПМНЕ се на власт ништо нема да се промени.

– Толку е селективен приодот на последните раководства на Антикорупциската комисија и нејзините членови, што воопшто не ја гледам смислата зошто овој орган воопшто постои. Тие се алатка на власта. Нивната работа е да ја спречат корупцијата, да не дозволат судир на и интереси, а тие од тоа ништо не прават. Непотизмот е до толку развиен што цели семејства се вработени во администрација. Според мене, тие се филијала на политичките партии, а не независен орган и не треба ни да постојат во овој состав како што се сега – вели Михајловска.

Сите учат и се надоградуваат во животот, за утре да можат полесно да најдат работа и да градат кариера. Но, кај нас, критериумите се испревртени. Денес во државна или јавна администрација можат да влезат само тие што имаат партиски книшки или семејни врски. Па, затоа и се случува тоа што се случува. Додека дел од вработените седат и по десет луѓе на едно столче, ама само да се на државна плата, околу 400 илјади млади ја напуштија државата и заминаа на печелба во САД, Канада, Германија, Италија, само затоа што тато или мама не седат на функционерско столче.

Рамка:

АНТИКОРУПЦИСКА НЕ ОДГОВАРА НА ПРАШАЊАТА НА „ФОКУС

„Фокус“ испрати неколку прашања до Државната комисија за спречување на корупцијата, од каде побаравме да ни одговорат – колку претставки за непотизам се поднесени од партиите во државата до нивната комисија и колкави се казните? Но, до затворањето на весникот не добивме одговор.

Рамка:

ТЕФТЕРОТ ЗА ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊА НА ЈАНКУЛОВСКА

Во една од „бомбите“ што ја објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев можеа да се слушнат аудио-снимки меѓу екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и шефот на тајната полиција Сашо Мијалков во кои тие договараат партиски вработувања во судството. Јанкулоска во еден дел од телефонскиот разговор образложи дека има тефтер во кој ги пишува имињата и презимињата на сите што треба да тргнат на работа во судовите низ земјава. Првата полицајка му објаснува на Мијалков дека треба да го отвори тефтерот за да види кој, како што вели од „нивните„ во кој суд е распореден на работа.

Поврзани новости