АРХИВА Досието за ВМРО-ДПМНЕ крие постоење „партиска полиција“, обука за „чистачи“ и закани за ликвидација!

by Fokus

Текстот е објавен на 29 февруари, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 960

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Ексминистри за внатрешни работи и високи функционери во областа на безбедноста од времето на СДСМ неодамна беа лустрирани, откако надлежната комисија утврди дека во одредени случаи побарале и користеле информации не за безбедности, туку за политичко-идеолошки цели, со што ги кршеле и ограничувале основните права и слободи.

Некои од нив настрадаа, врз основа на Законот за определување дополнителен услов за извршување јавна функција од 2012 година, поради тоа што биле во улога на наредбодаватели и консументи на информации во рамки на операциите што се воделе за ВМРО-ДПМНЕ, како и за луѓе блиски до оваа партија.

Покрај тоа што централното партиско седиште било под постојана опсервација, се набљудувале, следеле и документирале највисоките партиски функционери и членови на тогаш опозициската, а денес владејачката партија, од позиција на „македонски екстремизам и врховизам“, како и за соработка со странски служби, главно со бугарската.

Но, од оној мал дел од полициската документација за партијата, што е приложен пред јавноста, нема дилеми дека „сдсмовската УДБА“, како што порано пејоративно се нарекуваше македонската тајна полиција, дејствувала против регистрирана политичка партија, легитимирана на повеќепартиски избори.

Сепак, дали другиот дел од обемната документацијата крие нешто сосема поинакво? Дали Министерството за внатрешни работи, во почетните години на владеење на СДСМ, нотирало незаконски и противуставни елементи во и околу ДПМНЕ? И, ако е така, колку таквата опасност била сериозна, а колку претставувала обичен фолклор?

БУГАРСКИ ЛЕТОЦИ И ПАРАВОЈСКА ВО МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ била предмет на интерес на македонската полиција и на тајната служба уште со самото формирање кон средината на 1990 година. Во тие почетни години на етаблирањето на Македонија како независна и самостојна држава, паднаа и првите обвинувања за „Гебелсовско-полициска“ војна против новоформираната десничарска партија, за да се прикаже како недемократска и да се оцрни преку лаги, инсинуации, дезинформации…

Со променети улоги во споредба со денес, тогаш ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше за инсталација на тоталитарен режим, додека владејачката СДСМ ги оценуваше нападите како полни со предрасуди и ги одбиваше како неаргументирани. Иако беше релативно одамна, стенографските белешки објавени на интернет-страницата на Собранието потсетуваат дека пратениците од првиот парламентарен состав расправаа за извештај на Комисијата за контрола на работата на Службата за државна безбедност, како што тогаш се нарекуваше денешната Управа за безбедност и контраразузнавање.

Така, една од точките на 56-та пленарна собраниска седница во далечната 1993 година беше извештај на парламентарниот орган за надзор врз еден сегмент од извршната власт, кој содржеше три точки или поглавја: растурање летоци на бугарски јазик, формирање паравоени единици и контрола на партиските комуникации на вмровското седиште. Во сите три случаи, тогашните пратеници од ВМРО гледаа обид за дискредитација на ДПМНЕ од страна на тогашната левичарска партија на власт и службите под нејзина контрола.

Првиот случај со бугарските летоци се однесува на периодот пред првите повеќепартиски избори во државава во 1990 година, кога низ неколку скопски населби и главно во градот Охрид беа дистрибуирани летоци на бугарски јазик. Вмровците тогаш обвинуваа дека режисер на ова сценарио за прикажување на партијата како пробугарска, па дури и како „ванчомихајловистичка“ опција е Тито Петковски, тогаш член на СКП-ПДП, подоцна трансформиран во СДСМ, а денес прв човек на НСДП.

Понатаму, вториот предмет, познат како „Сина птица“, името го доби според „инкриминиран“ состанок во истоимената кочанска кафеана во 1992 година, на кој се формирала таканаречената организација ТМРО-МНГ, при што вториот дел од акронимот значи Македонска национална гарда. На основачкиот состанок на оваа организација, која, всушност, била замислена како паравојска, присуствувале високи полициски функционери, како на пример, Добри Величковски.

Првиот состанок бил забележан на видеолента, која требало да кружи низ дијаспората за да се регрутираат поддржувачи за вооружена борба против тогашниот режим и поредок во Македонија. Меѓутоа акцијата била јавно осуетена од вмровците, откако дошле до касетата од македонски емигрант во Брисел.

И на крајот доаѓа аферата „Дувло“, или како што уште ја нарекуваше ВМРО-ДПМНЕ ‒ „Македонскиот Вотергејт“ бидејќи вклучуваше прислушување на телефонот на централниот вмровски штаб. Оваа афера ја откри Александар Диневски, еден од популарните „осумтемина“, своевремено вработен во СДБ во рамки на МВР, во чии раце случајно паднала наредбата за следење на комуникациите во партијата. Веднаш по ова, тој бил суспендиран поради „предавање службени материјали на неовластено лице“, а како што е познато, неодамна беше уапсен во рамки на акцијата „Шпион“.

НАЦИОНАЛИЗАМ И ШОВИНИЗАМ

Освен за време на случајот со бугарските летоци, кога пукнаа другите две афери министер за внатрешни работи беше Љубомир Фрчкоски, кој неодамна беше лустриран. Во решението на лустраторите се наведува дека тој го прекршил Законот за лустрација поради тоа што наредувал и одобрувал дејствување и се служел со информации на службите, кои ги кршеле и ги ограничувале основните права и слободи на луѓето од политичко-идеолошки причини. Значи, во овој случај немаше дејства врз ВМРО-ДПМНЕ, туку врз албанските партии ПДП и НДП, поради „албански национализам и шовинизам“.

Но, Фрчкоски наложил примена на техничко-оперативни мерки врз луѓе кои биле дел или биле блиски до ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои Димитар Црномаров, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ (за време на министерувањето на Љубе Бошкоски со ресорот внатрешни работи, бил началник на битолската полиција). Претходно, во првите години на формирање на партијата, Црномаров се споменуваше како неформален лидер на крилото што ја застапуваше идејата ДПМНЕ да не биде современа политичка партија, туку да ги почитува и да ги применува методите на дејствување на историското ВМРО. Познавачите на внатрепартиските околности од тоа време тврдат дека тогаш се формирале и таканаречени „заштитни комитети“, како парапартиска структура, кои подоцна беа распуштени.

Во секој случај, споменатите три случаи или афери, сеедно, пред сè, „Дувло“, може да се сметаат за претходница на досието за ВМРО-ДПМНЕ под кодно име „Темел“, кое се води сè до промените на парламентарните избори во 1998 година. Врз база на ова досие, лустрирани се ексминистрите за внатрешни работи, Томислав Чокревски и Сиљан Аврамовски. Во прилог на решенијата е само дел од обемниот материјал од петстотини страници, врз основа на кој комисијата ги лустрираше двајцата поранешни министри, поточно само неколку документи на десетина страници.

Станува збор за материјал кој Комисијата за верификација на фактите го добила од Државниот архив и од Собранието на РМ, каде што, пак, го доставил поранешниот пратеник и претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски. Петровски во почетокот на 2001 година го сторил тоа за да расправа парламентарната анкетна комисија за заштита на човековите права и слободи. Во ова барање, подносителот наведува дека се следени, прислушувани, но и фотографирани видни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и претседателот Љубчо Георгиевски и потпретседателката Доста Димовска, под псевдонимите „Мона Лиза“, односно „Дама“.

 НАСИЛЕН УПАД ВО ИНСТИТУЦИИТЕ НА СИСТЕМОТ

Од она што го објавија лустраторите во поткрепа на својата одлука, може да се види дека тајната служба во деведесеттите години на минатиот век се интересирала за студентските протести во 1997 година, за митинзите на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на парламентарните избори една година подоцна, како и за внатрепартиските состојби во тогаш опозициската вонпарламентарна партија, со акцент на расколот. Имено, на една страна биле секретарот Змејковски и неговите приврзаници. На другата страна, пак, стоела Димовска, поддржана од лидерот Георгиевски.

Интересот за студентските протести против албанскиот јазик во Педагошката академија се базирал на вклученоста на ВМРО-ДПМНЕ, која ги помагала и разгорувала. Како што стои во една информација од 1997 година, покрај претседателката на студентската организација, Мирјана Китановска, организатори на протестите биле млади и постари активисти на ДПМНЕ. Меѓу нив биле Петровски, Зоран Петревски-Снајпер, Димитар Димовски и други, кои биле во постојан контакт со постари сопартијци, како секретарот Змејковски и неговиот заменик Иван Соколов, со цел раширување на протестите низ целата земја. Соколов, според една друга службена белешка, заминал низ републиката да агитира, за протестите да добијат пошироки димензии.

Кон средината на истата година, службата ги следела подготовките и одржувањето на генералниот партиски митинг под мотото „Стоп на економското, социјалното и државното пропаѓање на Македонија“, од аспект на негово можно ескалирање и предизвикување ексцесни ситуации. Во една од белешките стои дека за време на одржувањето на митингот дошло до разидување меѓу организаторите, така што на една страна биле Георгиевски, Змејковски и Соколов, кои сметале дека сè треба да се одигра на местото на оддржување на настанот – плоштадот Македонија. На ова се спротивставиле Петревски, викан Снајпер, и братот на Борис, Владимир Змејковски-Лаци, кои сметале дека не треба да се откажуваат од предвидената маршрута пред да се достави меморандумот во парламентот, а доколку биде неопходно, насилно да се влезе во законодавниот дом.

Се чини дека најголемо внимание привлекува интересот на службите за внатрепартиските состојби. Во еден од јавно објавените документи се раскажува како партијата се поделила во два табора. Од една страна, таканареченото крило на Змејковски, Соколов и Диневски, кое имало две квалификации – бизнис и просрпско. А, од спротивната страна било таканареченото пробугарско крило на Димовска, која зад себе не ги имала теренците и оперативците од, условно кажано, руралните средини, но ги имала интелектуалците, претежно дел од јадрото на партискиот Совет на интелектуалци, предводен од Никола Кљусев, замислен како влада во сенка.

 „МЛАДИ ЛАВОВИ“ ВО ЗАШТИТА НА ПАРТИСКИОТ ВРВ

Според една службена белешка за внатрешнополитичките состојби во ВМРО-ДПМНЕ, која не е објавена на сајтот на лустраторите, но стаса до редакцијата на „Фокус“, Првата управа во рамките на ДБК, кон крајот на 1997 година забележала дека постоел обид за договор меѓу Георгиевски и Змејковски за смирување на ситуацијата, ама тој обид пропаднал затоа што партискиот лидер не сакал да се откаже од Димовска.

Овде стои интересна нотификација на полициските службеници, според кои, агресивното крило на Змејковски предизвикува физички пресметки во многу комитети, сеејќи страв, па дури се споменуваат и закани за физичка ликвидација на партиското раководство, вклучувајќи го и лидерот. Затоа, „млади лавови“ од Скопје и од Куманово ги обезбедувале партиските челници сè додека не се решат проблемите, за што задолжен бил Петровски.

Според тогашните главни актери во партијата, ваквите формулации и фрази можеби донекаде се пренагласени, ама имаат основа. И покрај тоа што многумина што ги консултиравме сметаат дека сето тоа е производ само на страв, а не на реална опасност, еден експартиски функционер вели дека тогашната сила на Змејковски не била за потценување бидејќи имал приврзаници кои повеќе знаеле да дејствуваат отколку да говорат. Најверојатно и тоа имало удел кон „нападот“ врз него и неговиот бизнис од страна на државните органи, откога ВМРО-ДПМНЕ ја зеде власта по изборите во 1998 година и кога Георгиевски стана премиер.

И од други документи до кои дојдовме се добива впечаток дека тајната служба била во тек со сите случувањата во рамките на партијата. Во истото време додека се водела борба во комитетите меѓу двете страни, поточно во почетокот на 1998 година, внатрешен извор ја информира полицијата за една фамозна касета од Германија, на која била снимена некаква обука на телохранители. Според полицискиот извор, имало ситуации на елиминација на противникот со јаже, пенкало и слично, па поради тоа изнел сомнеж дека обуката можеби не била за телохранители туку за „чистачи“!

 ИЛЕГАЛНА НАБАВКА НА ОРУЖЈЕ

Пред дефинитивно да се растури односот меѓу Змејковски и Георгиевски, службите завеле дека во рамките на Комисијата за стратешки истражувања и опсервација, составена од Змејковски, Соколов и Диневски, егзистирала и „специјална полиција“, која, според наши извори, претставувала тим од партиски обезбедувачи. Истата информација од месец март 1997 година опфаќа и еден интересен настан. Имено, тогаш висок партиски функционер наводно наредил од Гостиварско да се набави поголемо количество огнено оружје, при што се споменува и број од 40.000 парчиња, додека истиот преку својот телохранител требало да регистрира и агенција за обезбедување.

Во контекст на претходно споменатото, истата белешка сведочи дека тогашната власт очекувала обид за влегување и заземање на државните институции. Како што обидот со купување на оружјето бил дел од обидот на службите за подметнување, засегнатите лица со кои контактиравме истакнуваат дека и таканаречениот обид за насилно заземање на институциите бил намера на уфрлена шпионска мрежа во протестите, кои стимулирале таква атмосфера. Оттаму, според нив, партиското раководство вечерта се повлекло на итен состанок на партискиот врв, одржан во подрумот на штабот, на кој било одлучено толпата да се одвлече кон Соборниот храм.

Кога ќе се прочита сето тоа, на моменти изгледа уверливо, додека на моменти звучи парадоксално, со оглед на тоа што полициските службени белешки во некои сегменти повеќе личат на сценарио за холивудски филм, отколку на нормално дејствување на една партија.

Како и да е, кога Комисијата веќе одлучи врз основа на ова досие да лустрира поранешни министри и функционери на безбедносните инстанци, тогаш требаше на увид неселективно да ја стави целокупната документација, за граѓаните да решат дали ќе веруваат во „сознанијата“ или ќе читаат за забава, во зависност дали се веродостојни или се производ на нечија фантазија и слободна интерпретација.

И, ако ова се правело порано, тогаш се поставува и прашањето: дали историјата се повторува, само со променети позиции!?

 Рамка 1
Зоран ТОДОРОВСКИ, директор на Државниот архив
ЧЕКАМЕ СРЕДСТВА ЗА ДА ОБЈАВИМЕ КНИГА ЗА ДОСИЕТО

За да добиеме увид во поголем дел од досиејата што своевремено тајната служба ги водела за ВМРО-ДПМНЕ и за нејзините членови, се обративме до Државниот архив. Директорот на оваа институција, Зоран Тодоровски, вели дека нема можност за пристап до оваа документација, освен доколку се работи за научни потреби. Тој посочува дека во план е да се објави книга врз основа на документацијата што своевремено ја водела тајната полиција за партијата.

  • Книгата ќе ја објавиме, само чекаме средства – кусо ни изјави Тодоровски.

 Рамка 2
Чедомир ДАМЈАНОВСКИ, член на лустрациската комисија со истечен мандат
КОГА ВЕЌЕ РЕШИЈА ДА ОБЈАВУВААТ, ТРЕБАШЕ ДА ОБЈАВАТ С
Ѐ!

Единствениот член на лустрациската комисија со веќе истечен мандат, кој им пркоси на другите колеги, Чедомир Дамјановски, се противеше на лустрирањето на поранешни функционери од редовите на социјалдемократите. Во тој контекст, тој беше против лустрацијата врз база на досието со кодно име „Темел“, затоа што преземените мерки во голема мера биле оправдани. Тоа ќе дошло до израз, според него, доколку целокупното досие беше ставено на увид на јавноста.

  • Јас бев против воопшто да се објавуваат делови од досието, но кога веќе решија да се објават, требаше да се објави сè, а не само селектирани делови – вели Дамјановски, одбивајќи да открие дел од содржината на која се повикува.

Лустраторот потсетува на својата неодамнешна изјава дека во едно од досиејата за студентските протести стоел став на еден од протестантите дека „ако треба војна ќе водиме за да се отарасиме од комуњарите и Шиптарите“!

 Рамка 3
Полицијата постојано го следела Мендух Тачи
ОД „МАТУРАНТ“, ПРЕКУ „ДЕСТРУКТИВЕЦ“, ДО „КРЕАТОР“

Македонските безбедносни органи, додека на власт била СДСМ, примениле мерки на следење и прислушување на лидерот на најголемата албанска опозициска ДПА, Мендух Тачи. Поради тоа, покрај другото, Комисијата ги лустрираше Живко Георгиевски, своевремено началник на Втората управа на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање, и Хисен Муслиу, во својство на УДБК-Тетово.

Според досиејата што се јавно објавени заедно со решенијата за лустрација на Георгиевски и Муслиу, Тачи со уште едно лице биле заведени под псевдонимот „Деструктивци“ уште во 1996 година, кога Тачи бил апсолвент на Медицинскиот факултет во Приштина, поради противуставни активности од позиција на албански екстремен национализам.

Во едно од досиејата уште се наведува дека лидерот на ДПА бил опфатен од страна на полицијата уште во осумдесеттите години во рамките на оперативната истрага „Матуранти 83“. Исто така, стои дека во рамките на политичките партии застапувал „напуштање на Албанците на институциите на системот и оживување на илегално организираниот референдум за политичко-територијална автономија на Македонија“.

Познато е дека за лидерот на ДПА тајната служба водела и досие „Креатор“ од 2003 година, што го потврди МВР за време на коалициската влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА од 2006 до 2008 година. Како што кажа самиот на 108-та собраниска седница во 2007 година, било донесено решение, потпишано од Зоран Верушевски, за оперативна обработка на Тачи, не како пратеник и албански опозициски лидер, туку како приватен бизнисмен, поради албански иредентизам и сепаратизам. Досието било затворено во 2007 година со одлука на актуелниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Поврзани новости