АРХИВА Бизнис медиумско-полициски шеми: Кои се тајкуните што владеат со градежништвото, медиумите и со безбедноста?

by Fokus

Текстот е објавен на 14 февруари, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 958

Пишувала Мери ЈОРДАНОВСКА

Само преку една адреса и две компании лесно може да почне да се открива мозаикот за тоа колку, всушност, малку лица се кријат зад најмоќните фирми во земјава.

Почнувајќи го нашето истражување преку две фирми, друштвото за консалтинг и посредување „НВСП ДООЕЛ“ и агенцијата за обезбедување „СГС“, лесно може да се склопи мозаикот кој се крие зад дел од македонските медиуми, кој има дозвола за тргување со оружје, кој ги санира дупките во градот, па сè до тоа кој ги купува најголемите македонски компании. Клопчето, кое почна да се одмотува само преку една адреса, ни ги открива македонските бизнис полициско-медиумски шеми во Македонија, кои се уште како добро поврзани!

АГЕНЦИЈАТА „СГС“ ДЕЛЕЛА ПРОСТОРИИ СО ФИРМА БЛИСКА ДО КАМЧЕВ!?

Да се вратиме назад на почетокот од 2012 година, кога за првпат објавивме дека на пазарот се појави нова агенција за обезбедување, „Секјурити Груп Сервисис“ („СГС“). Агенцијата беше отворена кон крајот на 2010 година, а работите течеа со забрзано темпо – агенцијата им презеде голем број клиенти на нејзините конкуренти, па оттаму почна и нашата потрага по тоа кој се крие зад оваа агенција, која почна да зазема стратешки објекти во државата.

Истражувањето на „Фокус“ покажува дека прв сопственик на агенцијата за обезбедување „СГС“ е фирмата „НВСП ДООЕЛ“. Првично, седиштето на агенцијата за обезбедување се наоѓало на улицата Иван Милутиновиќ.

Во јануари 2012 година, „СГС“ го менува седиштето и се регистрира на улицата 11 Октомври.

Во април 2012 година, пак, се менува и сопственикот – фирмата „НВСП ДООЕЛ“ се брише, а наместо тоа, како сопственик се впишува 27-годишниот полјоделски работник Дејан Ќировски. Ќировски сега е сопственик на најмоќната агенција за обезбедување, која во јавноста се поврзува со директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

Работите почнаа да стануваат јасни откако Дејан Митревски – Урко се повлече од агенцијата за обезбедување „Лупус“, која потоа се ребрендираше. Сè погласни стануваа и шпекулациите дека директорот на УБК, многу често го гледаат како влегува и излегува од новата агенција за обезбедување, прашање што на собраниска седница го отвори и Јани Макрадули од СДСМ.

Ниту Урко немаше идеја пред некој месец, кога го викнаа во кабинетот кај премиерот да ги решат конфликтите меѓу „Лупус“ и „алфите“, дека Сашо Мијалков ќе формира нова агенција за обезбедување што ќе му го земе половина од бизнисот – рече Макрадули пред две години.

Како управител на оваа агенција оттогаш досега се води извесен Мирољуб Давидов, кој само еднаш одговори на нашите повици пред да го смени телефонскиот број. Тогаш Давидов изјави дека станува збор за чисти шпекулации дека шефот на тајната полиција стои зад оваа агенција.

Немојте да ширите такви глупости. Тоа се чисти шпекулации. Си има документи чија е фирмата и тоа е тоа. Како сме ги добиле објектите за обезбедување? Па, си ја тераме нашата работа. Секој треба да си ја тера и да си ја работи како знае – ни рече Давидов во февруари 2012 година.

Иако потоа имавме многу обиди да го добиеме Давидов и телефонски, и преку електронска пошта, напорите беа залудни.

Во меѓувреме, бизнисот на „СГС“ станува видлив дури и за обичните граѓани бидејќи во центарот на Скопје не можеа, а да не се забележат дечките во црно, со амблем кој потсетува на шлем од македонската фаланга и, се разбира, со логото на „СГС“. Во тоа време, обезбедувачите на „СГС“ ги чуваа Триумфалната порта и музејскиот комплекс на ВМРО и на жртвите на холокаустот.

Ако сега се погледне веб-страницата на Бирото за јавни набавки, лесно може да се видат сите тендери од државните институции што „СГС“ ги има добиено во меѓувреме. Оваа агенција ги обезбедува АД Електрани на Македонија, ЕВН Македонија, Општина Кавадарци, средните училишта во Скопје, ЈП Стрежево Битола, патарините низ цела Македонија, Националниот парк Маврово, Спортскиот центар „Борис Трајковски“, градот Скопје и многу други приватни компании.

СОПСТВЕНИК НА МЕДИУМ СО ОДОБРЕНИЕ ЗА ПРОМЕТ СО ОРУЖЈЕ

Сепак, она што уште тогаш ни падна в очи е фирмата „НВСП ДООЕЛ“, првиот сопственик на агенцијата за обезбедување „СГС“.

Сопственик на „НВСП“ е Владислав Стајковиќ, човекот кој воедно е и директор на фирмата „МОБИКО ДООЕЛ“, каде што сопственик е Жарко Луковски, кој важи за близок пријател на директорот на тајната полиција.

Ако се погледне тековната состојба на „НВСП“, може да се види дека во 2009 година ова друштво за консалтинг и посредување добива и одобрение за вршење промет со оружје, муниција и делови за оружје, издадено од Министерството за внатрешни работи – Биро за јавна безбедност!

На нивната веб-страница можат да се видат безброј активности, по што останува нејасно со што, всушност, се занимава оваа фирма!

Па, така, на листата се наоѓаат консалтинг-услуги, советувања, медијација и адвокатски услуги, потоа архитектонски дизајн и конструкциски проекти за безбедни градби. Понатаму следи обезбедување резиденции и простории, преку бизнис-менаџмент, а фирмата воедно е и официјален дистрибутер за мобилните телефони на „Алкател“ за мобилните оператори „Т-мобиле Македонија“ (каде што Жарко Луковски е главен извршен директор) и ВИП, како и за нивните мастер-дилери.

Она, пак, што најмногу паѓа в очи е што од неодамна оваа фирма станува газда и на новото „Радио Слободна Македонија“, кое, патем, е сместено во истата зграда со неделникот и порталот „Република“ (спроти Владата), само на различен кат. На фреквенцијата на ова радио свои емисии имаат водителот од телевизија „Канал 5“, Миленко Неделковски, Наташа Мерсовска, новинар и уредник од телевизија „Сител“, потоа Весна Петрушевска – Бејби итн.

На телефонскиот број што е оставен на веб-страницата на „НВСП“ деновиве не ни одговараше никој, па оттаму не успеавме да добиеме одговор од кои причини компанијата не е повеќе сопственик на агенцијата за обезбедување и кои се мотивите оваа фирма да влезе и во медиумскиот простор.

ШВАЈЦАРСКО-МАКЕДОНСКИ РЕЛАЦИИ

На оваа листа се испреплетуваат огромен број фирми, но кој е човекот што се крие зад нив? Имено, она што ни падна в очи е адресата на која првично била регистрирана агенцијата за обезбедување „СГС“, Иван Милутиновиќ. На оваа адреса е регистрирана и фирмата „Ексико“, за која „Фокус“ веќе пишуваше. Сопственик на „Ексико“ е фирма, регистрирана во Лугано, Швајцарија – „T&MJ Investments SA“, која се наоѓа на адресата Корсо Елвеција 16.

Кога пред неколку дена ја проверивме оваа адреса на „Ексико“ зад трговскиот центар Буњаковец во Скопје, на поштенското сандаче пишуваше „ЕКСИКО“, што значи дека во одреден период агенцијата за обезбедување „СГС“ и „Ексико“ функционирале на иста адреса.

Која е, всушност, фирмата „Ексико“? Изградбата на хотелот „Ибис“, кој е сместен на просторот зад хотелот „Јадран“, е во полн ек. Тој се гради на површина од 577 квадратни метри, од кои 416 се предвидени за градба. „Ибис“ беше најавен како дел од францускиот хотелски синџир „Ибис“, кој во светот има 800 хотели во 40 држави.

Во Македонија, пак, сопственици на хотел „Ибис“ се токму фирмата „Ексико“ и друштвото за производство, трговија и услуги „Орка Холдинг АД Скопје“ на познатиот македонски бизнисмен Јордан Камчев.

Врската меѓу мистериозната „Ексико“ и Камчев е во тоа што во фирмата на Камчев „Евро балкан груп АД“ (позната и како „Орка спорт“) има двајца Швајцарци, неизвршни членови на одборот на директори кои, пак, извесно време во Швајцарија работеле и во „Т&МЈ Investments SA, Lugano“.

„Фокус“ веќе пишуваше дека на швајцарскиот сајт „Манихаус“ (moneyhousе.ch), кој е еден вид архива на податоци за компаниите, може да се најдат информации за луѓето што работат или работеле во оваа компанија. Токму на овој сајт стои информацијата дека извесен Фабрицио Занарди од Лугано работел за „Т&МЈ Investments“, а во истата фирма идентичен временски период се задржал и неговиот колега Емилио Бинда од Балерна, место оддалечено само 25 километри од Лугано.

Интересно е дека токму овие двајца се членови на одборот директори на скопското акционерско друштво „Евро Балкан Груп“. Понатаму, токму „Евро Балкан Груп“ е фирмата што го регистрирала сајтот на „Оркаспорт“, а врска со Камчев има и еден од директорите во оваа компанија. Станува збор за Ненад Јосифовиќ, кој во македонските медиуми порано се појавувал како управител на „Мала Богородица“, а стана и член на Надзорниот одбор на Стопанска банка, која, заедно со ЗК „Пелагонија“, падна во рацете на Камчев.

Освен ова, „Ексико“, заедно со „Орка Холдинг“ и уште две компании, го купи и „Бетон Штип“, фирма која градеше голем дел од објектите од „Скопје 2014“. Според документацијата од „Бетон Штип“ од април 2013 година, 19,50 отсто од акциите поседува фирмата „ТИМ ДОО Скопје“, 16,99 отсто „Орка Холдинг“, 15,81 отсто „Езимит ДООЕЛ Штип“, а „Ексико“ поседува 14,35 отсто од акциите во „Бетон Штип“.

Ако се погледнат јавно достапните податоци од Бирото за јавни набавки, пак, може да се види дека фирмата „Ексико“, со потекло од Швајцарија, добивала тендери од Општина Центар за „санација на дупка од стар затрупан бунар“, а од Центарот за развој на вардарски плански регион Велес добила тендер за детски програми и реквизити за практицирање физички активности, што под знак прашалник ја става дејноста на оваа фирма, особено ако се земе предвид дека таа нема ниту веб-страница.

ЕДЕН ЧОВЕК ПОВРЗУВА ДВАЈЦА ИГРАЧИ

Но, документите од Централниот регистар во Панама покажуваат една клучна работа – имено, Емилио Бинда е човекот кој индиректно ги поврзува директорот на УБК, Мијалков, и бизнисменот Камчев. Како што веќе објави ТВ Нова, фирмата „Миртланис“ од Чешка, каде што единствен сопственик беше Мијалков, во ноември годинава тој ја продал на офшор-фирма од Панама. Името на фирмата од Панама е „Тасига Корп“. Еден од директорите во „Тасига Корп“, според документите на „Нова“, е Емилио Бинда, кој пријавил адреса на живеење во Лугано, Швајцарија, уште една офшор-дестинација. Емилио Бинда, како што објавивме и погоре, во текстот бил неизвршен член на одборот директори на „Евро балкан груп АД“ (позната и како „Кара“), а извесно време работел и во „Т&МЈ Investments ЅА“, Лугано (фирмата сопственик на „Ексико“).

Фирмата „Т&MJ Investments“ се наоѓа на адресата Корсо Елвеција број 16. Токму на оваа адреса се пријавени и живеалиштата на сите директори на „Тасига Корп“, офшор-фирмата што ја купи фирмата „Миртланис“.

Можеби сето звучи презаплеткано, меѓутоа, очигледно е дека и така треба да изгледа. Што позаплеткано, толку потешко се влегува во сопственичките структури, офшор-дестинациите и во сите компании со кои наводно раководат Швајцарци, Американци или Кипранци!

Рамка

СИТЕ БАРААТ ПОМОШ ОД ЕДНА АДВОКАТСКА КАНЦЕЛАРИЈА!!!

Уште едно нешто заедничко имаат сите компании споменати во текстот. Па, така, ако се отвори веб-страницата на адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“, се гледа дека како клиенти се јавуваат поголемиот дел од компаниите, кои на директен или на индиректен начин се поврзани со Мијалков или со Камчев.

Само за потсетување, адвокатот Серјожа Марков е брат на Маја Маркова –  Котевска (апелациска судијка и сопруга на портпаролот на МВР, Иво Котевски), а негова мајка е Љубинка Муратовска – Маркова, која од јануари 2007 е дел од Државната комисија за спречување на корупцијата. Токму парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ ѝ овозможи на Љубинка Муратовска – Маркова и по вторпат да биде член на Антикорупциската комисија бидејќи пратениците го сменија законот според кој антикорупционерите немаа право на два мандата.

На листата клиенти на адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“, меѓу другите, се наоѓаат и „Т-мобиле Македонија“, агенцијата за обезбедување „СГС“, телевизија Алфа, „Прва Република“, „Ексико ДООЕЛ“, „Ем Медиа ДООЕЛ“ (издавачот на порталот „Курир“), па дури и Македонската православна црква.

 

 

 

 

 

Поврзани новости