Архива: Академската кариера на Оливер Андонов – доцент со слаб просек

by Фокус

Текстот е објавен на 08.10.2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1096

Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Оливер Андонов, еднодневен министер и експерт сезнајко – за право, политика и безбедност, долги години служел во АРМ и полицијата, пред да стане професор на МИТ Универзитетот. Но, Државниот просветен инспекторат го поништил неговиот избор за доцент како незаконски! Сепак, тој го задржал звањето зашто е реизбран веднаш пред да стапат на сила законските измени кои не бараат веќе просек од успехот во студиите над 8, кој Андонов не го исполнува

Пишува Влатко СТОЈАНОВСКИ

Прислушуваните материјали што ги објави опозицијата покажаа дека зад чесната политичка гарнитура на власт всушност се крие криминално-коруптивна врхушка, која градела сосема понаков имиџ во јавноста од она што претставува во суштина. Овој процес на демаскирање на групата што практично една деценија владее со Македонија заврши со политички договор кој овозможи низа системски реформи за унапредување на демократската слика и резултираше со поделба на власта, со цел спроведување на фер и демократски избори.

Eден од најкрупните пленови на опозицијата е преземањето на Министерството за внатрешни работи, кое игра клучна улога при изготвување на избирачкиот список, како и самото спроведување на изборите. Според Пржинскиот договор, овој ресор ќе го предводи кадар на опозицијата, кој за сите прашања поврзани со изборите мора да добие одобрение од дополнителниот заменик министер од редовите на владејачката партија, додека последниот анекс наложи дека министерот, освен што може да состави кабинет по своја мерка, има право автохтоно да назначи 15 раководни функционери.

Иако сите очекуваа дека по начелниот договор за избори на крајот на годинава истиот тандем ќе застане на чело на МВР, владејачката ВМРО-ДПМНЕ направи еден кадровски маневар. Имено, само еден ден пред да ја изгласа преодната влада, парламентарното мнозинство го разреши Митко Чавков од министерската функција и на негово место го именува универзитетскиот професор Оливер Андонов, кој по цел еден ден министерување стана дополнителен заменик-министер за внатрешни работи со право на увид во документацијата и на вето на одлуките поврзани со изборите. Која е логиката на ваквиот, на прв поглед, бесмислен и чуден потег?

Единствениот здрав резон може да се најде во тоа што Никола Груевски донел одлука Чавков да ротира во јавната полиција, со оглед дека пополезен би бил во секторот кој директно е поврзан со изборниот процес, но и да се изврши промена во врвот на тајната полиција. Дали Груевски бил незадоволен од поведението на Горанчо Савески и Љупчо Андоновски, кои станаа директори на јавната и тајната безбедност по оставките на Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков? Факт е дека тие се приклонија кон одлуките на владата, меѓутоа лично министерот Оливер Спасовски во една прилика јавно ги пофали како професионалци кои знаат да ја почитуваат хиерархијата во МВР.

КОМАНДИР, ИНСПЕКТОР, ПРОФЕСОР, МИНИСТЕР

Во секој случај, врз Андонов падна изборот да му дише во врат на Спасовски, да го набљудува неговото работење, да се спротивставува на неговите одлуки, односно не толку да ги спречи неговите дејства, колку да го девалвира неговото работење во јавноста. Кога го предложи за министер, премиерот Емил Димитриев го најави како човек од академската средина кој работел и во безбедноста и затоа може да придонесе за унапредување на состојбите во МВР. Кој е Андонов, кого јавноста го запозна во медиумите како коментатор на политичките случувања и процеси, чии анализи отворено беа во поддршка на владата, додека критичката острица му беше насочена кон опозицијата, што особено дојде до израз за време на неговите настапи како дел од движењето ГДОМ? За јавноста не е многу познато оти Андонов своевремено бил дел од ВМРО-Народна на Љубчо Георгиевски, од каде со текот на времето многу луѓе се вратија во ДПМНЕ и зазедоа високи државни функции.

Расположивите податоци што може да се сретнат во неговата биографија објавена од МВР, од биографијата доставена до пратениците и од универзитетите каде е избиран за професор, говорат оти тој завршил Средно воено училиште во Сараево, што временски коинцидира по распадот на СФРЈ. Во тој период, Андонов почнува да работи во кумановскиот гарнизон на македонската армија како командир на топографско одделение, а после и како командир на извидувачки вод во артилериска дивизија, за во 2003 година да замине на служба во Воената академија како командир на вод и предавач. Во 2006 година, пак, бил преместен во МВР како главен инспектор во криминалистичката полиција во одделот за недозволена трговија со дрога и оружје во СВР Куманово, а од 2009 година прави трансфер по хоризонтала во СВР Скопје.

Паралелно со работата во армијата и полицијата, тој работи на образованието, така што, во 1999 година дипломира на Институтот за одбрана при Филозофскиот факултет на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Веќе во 2007 година на истиот институт магистрирал на последипломските студии по мир и развој, а во 2010 година станува и доктор на науки. Во неговата официјална биографија се наведува дека во рамките на магистериумот и докторатот изготвил две теренски истражувања од областа на етнополитичката мобилизација и експертско мислење и компаративна анализа во врска со превенцијата на конфликтите и раното предупредување во РМ и процесот на донесување одлуки, особено насочувајќи се кон согледување на административниот капацитет на безбедносните структури на државата и нивната улога во процесот на донесување одлуки.

По напуштањето на службата во безбедносните структури и заокружувањето на образовниот процес, тој прво работел како асистент на Европскиот универзитет на Бојо Андрески, по што е избран за професор на МИТ Универзитетот, каде останал се до 2016 година. Откако го напушта приватното високо образование, тој е избран за професор на Воената академија како наставник во знање доцент на катедрата по безбедност и последипломски студии по предметите Цивилна одбрана, Цивилна заштита и Разузнавачко-безбедносен систем. Сепак, само неколку месеци по изборот, професорската активност во Воената академија ја става во мирување бидејќи е избран за министер за внатрешни работи.

ПРЕДУПРЕДУВАЊА И ОПОМЕНИ

Значи, Андонов прави камбек во безбедносните структури на државниот систем кој прво го напуштил за да изгради академска кариера. Најголем дел како универзитетски професор минал на МИТ Универзитетот, каде се вработил набргу по одбраната на докторската теза „Моделот на рано предупредување на ЕУ и неговото влијание врз безбедносната политика на РМ“. За време на неговото професорување, се до почетокот на актуелната 2016 година, тој влегува во неколку конфликт со раководството на универзитетот на чело со сопственичката и директорката Билјана Апостолова, кој моментално се води и на судски терен.

Поточно, според документацијата со која располагаме, раководството на универзитетот, по неколку усни предупредувања без никаков ефект, кон крајот на 2013 година му изрекло писмено предупредување на Андонов, бидејќи, како што стои во образложението, било незадоволно од неговото однесување и комуникација со раководните органи, што, според менаџментот, го нарушувало угледот на раководниот орган. Во овој допис стои дека ваквото однесување на Андонов дава можност за прекин на работниот однос, но, сепак, му оставиле период од 30 дена да го коригира односот и да се надминат недоразбирањата.

Најверојатно, двете страни ја спуштиле топката се до 2015 година, кога раководството на Универзитетот повторно писмено реагира до Андонов, но овојпат не поради неговото однесување во институцијата, туку поради неговите јавни настапи. Објаснувањето гласи дека вработените кои учествуваат во средствата за јавно информирање претходно мора да побараат посмена согласност од ректорот и да ја најават темата за која ќе говорат. Додека од Универзитетот тврдат дека Статутот и правилниците за работа на универзитетот налагаат дека секој професор може да говори исклучиво за темата за која е стручен, Андонов смета дека Уставот му гарантира слобода јавно да говори за што сака.

Нејсе, во меѓувреме, Андонов често отсуствувал од работа, па така, на почетокот на 2015 година одреден период бил отсутен со навестување дека има отворено лекарско боледување. Сепак, од универзитетот се посомневале дека Андонов го злоупотребил боледувањето, па се обратиле до Министерството за внатрешни работи со прашање дали тој на почетокот на март 2015 има направено излез односно влез во земјава, но не добиле никаков одговор. По спогодбениот раскин на договорот, кој се наметнал како неминовен исход, Андонов поднел тужба на одлуката на универзитетот да му изрече казна од 15 отсто од платата поради отсуството од работа, бидејќи, според него, тоа било спротивно на Законот за работни односи.

ГРЕШЕН ИЗБОР

Веднаш по разделбата меѓу МИТ и Андонов на почетокот на годинава, во Универзитетот влегува Државниот просветен инспекторат, кој врши вонредна контрола на неговото работење. Притоа, Инспекторатот поништил неколку избори во наставнички звања, меѓу кои и оној на Андонов од 2011 година. Конкретно, станува збор за неговиот избор во наставно-научното звање доцент од областа на криминалистичките науки, што, според просветниот инспекторат, било спротивно на Законот за високо образование, кој предвидува дека за доцент може да биде избрано лице кое има научен степен доктор на науки од научната област во која се избира. Арно ама, Андонов е доктор по мир и развој, а не по криминалистика.

Колку за информација, овој незаконски избор на наставници по криминалистички науки е сторен од страна на рецензентска комисија во која членуваат тројца професори по криминалистички науки, од кои двајца се професори од други универзитети, додека третиот е дел од универзитетот за кој се избира професорот. Професорите Цане Чапрагоски, Милан Илиески и Грозде Цветковски во извештајот констатирале оти Андонов ги исполнува законски пропишаните услови за избор, што потоа било оспорено од просветниот инспекторат. Но, и менаџментот на МИТ и Андонов се амнестираат од одговорноста за овој незаконски избор, нагласувајќи дека тое е одлука на комисијата за чии подборности тие ниту знаеле ниту морале да знаат.

Како и да е, Андонов во 2013 година повторно е избран во звањето доцент, но овојпат нема ништо спорно бидејќи тоа е во рамките на неговото матично подрачје. Меѓутоа, овој избор е важен од аспект дека се случува непосредно пред да стапат на сила измените на Законот за високо образование, кои пропишуваат оти за доцент може да биде избран само доктор на науки кој додипломските и последипломските студии ги завршил со среден просек од најмалку осум. Арно ама, дојдовме до податок дека Андонов последипомските студии ги завршил со просек од над 9, меѓутоа додипломските студии ги завршил со просек под 8.

Овие законски измени се изгласани во 2011 година, кога е направен првиот избор на Андонов во звањето доцент, кој подоцна се испоставува дека бил незаконски. Но, ваквото законско ограничување стапува на сила дури на почетокот на 2014 година, набрзо откако актуелниот заменик-министер за внатрешни работи бил реизбран во регуларна процедура. На тој начин, тој во последен миг го добил посакуваното доцентско звање, кое му важело и при приемот на Воената академија годинава, од причина што си ја задржува титулата стекната пред клучната законска измена да стане важечка, без разлика што го менува универзитетот. Ќе биде ли така навремен и прецизен политичарот Андонов како што бил професорот Андонов?

 

Билјана Апостолова, сопственичка и директорка на МИТ
ПО ЗАМИНУВАЊЕТО НА АНДОНОВ, ИНСПЕКЦИИ ГО САРДИСАА УНИВЕРЗИТЕТОТ

Сопственичката и директорка на МИТ Универзитетот, Билјана Апостолова, не сакаше да коментира за односот со некогашниот професор на нејзиниот универзитет Оливер Андонов, но говори дека по нарушувањето на односите со него универзитетот е под постојана пресија од страна на државните институции.

По заминувањето на Андонов, на негово барање државниот просветен инспекторат изврши контрола на универзитетот и оттогаш сме мета на постојани проверки и испитувања, кои го оневозможуваат нормалното функционирање на службите на организацијата, со оглед дека овие проверки траат по цели денови и бараат присуство на ректорот, секретарот итн. – објаснува Апостолова.

Токму кога овој број на „Фокус“ се подготвуваше да влезе во печат, во средата попладне, медиумите објавија дека полицијата направила упад во просториите на МИТ универзитетот и тоа во сите три објекти во градот. Освен полиција, таму биле присутни и повеќе инспектори од МВР, од Управата за јавни приходи и од Министерството за образование. Дел од вработените се сомневаат дека се работи за одмазда поради тоа што од овој универзитет од работа беа избркани дополнителниот заменик министер, Оливер Андонов и Тони Науновски од ГДОМ.

 

Оливер Андонов, заменик-министер за внатрешни работи
ПРВО МИ ВРШЕА МОБИНГ, СЕГА МИ ПРАВАТ ХАЈКА

Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Оливер Андонов вели дека додека работел на МИТ Универзитетот честопати бил објект на мобинг од страна на директорката Билјана Апостолова, која, според него, сега води хајка против него со дозирани информации и парцијални податоци.

На мое барање Просветниот инспекторат изврши контрола на МИТ и точно е дека ја поништи одлуката за избор во доцент од 2011 година, но јас за тој избор не сум виновен, туку комисијата која можела со ваквата одлука да им направи штета на студентите и да предизвика ситуација да се поништуваат потписи и оценки, до што, за среќа, не дојде. Сепак, инспекторатот го потврдува мојот избор за доцент од 2013 година кој е во рамки на процедурата, со звање стекнато пред законските измени кои бараат просек од студиите и со кое се вработив на Воената академија. Законот не може да важи ретроактивно, туку овие законски измени ќе важат доколку конкурирам за вонреден професор, што е следна фаза, но за тоа звање нема услов за просек, туку научна работа, а имам издадено трудови во голем број – објаснува Андонов.

Според него, во ниту еден правилник или статут на МИТ или на кој било друг универзитет нема ограничување при јавните настапи на професорите зашто тоа би било противзаконски и противуставно.

Поврзани новости