АРХИВА: 150 ќебапи тежат повеќе од 150.000 силувани гласови!?

by Fokus

Текстот е објавен 18 февруари, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1063

Јадранка КОСТОВА

„За неправдите што ги прават само за да останат на власт, за душманското однесување кон поединци, за тоа сум сигурен дека ќе им се врати како БУМЕРАНГ… Можеби не веднаш, но ќе им се врати. Не се свесни што прават и колку е немилосрдна природата и Бог кон неправдите.“ – Никола Груевски, 2003 година

Некому му требаа две-три години да ги насети авторитарните манири во владеењето на Груевски. Некои, пак, прогледаа дури откако пукнаа бомбите. Арно ама, има и ќе има такви што „до смрт“ ќе го негираат она што со свои очи го гледаат, со свои уши го слушаат. Дел од оваа „сорта“ можеби располага со оскуден умствен капацитет, а хистеричната пропаганда и ги заглупавува масите, нели, но повеќето цврсто се фатени во клиентелистичкото оро, та мора да ѕенѕаат до крај, за да ги одработат привилегиите со кои ги почестила Фамилијата.

За жал, еден од ваквите бастиони на груевизмот, дури и ороводец, се правосудните марионетки. За спас на „злосторничкото здружение“, тие си ја разголија до коска селективноста, сладострасно изведувајќи стриптиз. А селективната правда е НЕПРАВДА. Иако одамна се смоквин лист, кој успешно ги прикриваше срамотилаците на власта, сепак зачудува нивното слепило. Зар не се свесни дека еден ден ќе завршат најмалку како „психолошки помагачи“ на злосторничкото здружение!? Таа нивна измишљотка за Љубе како „психолошки помагач“ на убиство, ќе им се врати како бумеранг.

Нека ја восприемат и Грујовата опозиционерска мудрост – да бидат  свесни колку е немилосрден Бог кон неправдите. Особено кога оние што се платени да делат правда, стануваат симбол на неправдата. Или за нив Груевски е Господ Бог!? Податоците дека од 278 барања за притвор за злосторничко здружување, 275 од судот добиле притвор, а останатите тројца куќен притвор, се доволен показател каков преседан направија сефте сега, по барањето од Специјалното обвинителство за Миле, Горде и компанија. Небаре станува збор за хуманитарно, а не за осомничено злосторничко здружение!

Пред фактите, нели, и боговите молчат. Па, медиумските „богови“ на груевизмот, веројатно, затоа ги одмолчуваат таквите податоци. Неговата Пропаганда и Правда си фураат уште похистерично и шизофрено. Ним не им е гајле за меѓународните монитори, за инакумислечката јавност, туку сите сили се впрегнати кон одржување на илузијата за хомогеноста на групировката до најситен шраф. И тоа мора да го додржат до избори. Да не се охрабри некој да пропее. Особено што знаат дека веќе има такви на дело, ама и во најава. Затоа изгледа само еден адвокат се споменува за сите осомничени. Оној, де, што редовно го застапува Груевски. Можеби некој неподобен адвокат да сугерира нагодба на осомничените!?

И сега, ќе има ли одлагање на изборите закажани за 24 април или ќе остане Пастирот со бетон став? Ќе оди ли Груевски со Ахмети на избори без опозиција? Со вакво „злосторничко здружение“, и тоа на власт, сѐ е можно. Но, едно е сигурно, дека со тоа кризата ќе се продлабочи. Меѓународните фактори знаат добро дека ниту избирачките списоци можат да се спастрат до овој датум, ниту медиумите да упристојат. Ама добро знаат и со кого си имаат работа. Сенешто ми вели дека нечии сметки надвор може да бидат блокирани. Сумите ќе бидат – боли глава, барем за тие што размислуваат со своја глава. За останатите, завера на странски служби!

Не ми е јасно, дали веруваат дека ако со фалични избори останат на власт, на неколку стотици илјади луѓе ќе им извршат лоботомија, да заборават на учинокот на злосторничкото здружение? Оти ќе тргнат во нови одмазднички акции, за да се мерачат од „че има пиштење и вриштење“ (автор М.Ј.) на нивните нови жртви. Ама еден ден, „че има пиштење и вриштење“ и кај џелатите. Бумеранг, де.  Се сеќавате ли како Гордана се церекаше за „човечињата“ од Пустец, кои на новинарски прашања биле со „патент на уста“. И дојде ден, поточно ноќ, кога таа излегуваше од судот како осомничена за тешки изборни дубари со „патент на уста“.

И не надевајте се на брзи разрешници. И натаму ќе биде сѐ по принципот топло-ладно. Ќе се израдувате од стручноста, елоквентноста и од интегритетот на специјалните обвинителки, ама потоа помалку од 24 часа ќе се разочарате од капацитетите на правосудните специјалци на Груевски. За утеха, само пред една година не сте можеле ни да ги замислите Миле и Горде на распит за злосторничко здружување, ама ете и тоа бидна. За тие што се шокираа од судискиот аршин да нема притвор (при докази за влијание врз сведоци), да ве потсетам дека Миле има дури 14 кривични од бомбите, а Јанкулоска „само“ 11. По неколку месеци да не се изненадите доколку некој истражен судија ги изненади.

Како лудачки, пак, ми е аргументот на фановите на груевизмот дека колку и да биле украдени гласови, разликата била толку голема, околу 200.000 гласови, што тоа не менувало ништо, во смисла на волјата на народот. Е ова ми изгледа како некоја личност да биде силувана, брутално малтретирана и искасапена до смрт, ама бидејќи била тешко болна, со уште некој месец живот, силувачите и убијците да не одговараат за злосторството. И така ќе умрела, нели! Како што овие, и без силување и крадење, ќе победеле! Алал да ви е резонот, морони едни! За 150 украдени ќебапи лани осудија велешанец на 3 години затвор. Зар ќебапите се повредни од човечките души и од нивните гласови? И не ви пречи вакви криминални умови да ве водат!? Јаз’к!

П.С. „Миле, ми текна“, кога во една од бомбите слушнавме како Г.Ј. прогнозираше „ние стварно сите ќе завршиме во затвор“. Можеби не сите, ама ова е визионерство од калибарот на она на Груевски што го цитирав на почетокот.

Поврзани новости