Апсолвенти: Со овој чин не се бркаат само тројца професори, туку и студентите на Универзитетот

by Fokus

Веќе три дена како тројцата избркани професори од Економскиот факултет,  Крсте ШајноскиМаргарита Матлиеска и Александар Костадиновски штрајкуваат со глад во просториите на СОНК, откако претходно без избркани од просториите на Економскиот факултет при Штипскиот Универзитет од обезбедувањето на Ректорската управа.

Откако тројцата доктори на науки вчера добија поддршка од дел од своите колеги, денеска поддршка на нивна адреса стигна и од апсолвентите на Економскиот факултет при УГД, кои како што тврдат, директно се засегнати за расплетот на случувањата во врска со прекинувањето на работниот однос на тројцата професори.

– Повикувајќи се на нашето четиригодишно студирање на овој  факултет, слободно можеме да кажеме дека станува збор за едни од најквалитетните професори. Овој чин не значи само бркање на тројца професори, (и тоа не било кој), туку и бркање на студентите, кои се во потрага по квалитет и кои својата одлука  за студирање ја донеле врз основа на професорите, кои се најдобра реклама за истиот. УГД е факултет со кратка историја и наместо да се привлекуваат поквалитетни кадри,  акцентот се става на бркање и на така скудниот квалитетен кадар, на кои сме горди сите студенти – се наведува во отвореното писмо од апсолвентите до Ректорот на факултетот.

Според нив, иронично е тоа што како студенти, се беспомошни во оваа ситуација, бидејќи нивното право на глас не фигурира никаде.

– Обидот да се слушне нашиот став во однос на ова прашање, не вроди со резултати. Колку за илустрација, веднаш по донесувањето на одлуката на ННС, покажавме спремност да дадеме поддршка за нашите професори, која наредниот ден беше доставена до ректоратот.  Претседателот на Студентски парламент при УГД, наместо да не поддржи во оваа тешка ситуација (што по правило би требало), се обидува да го задуши и онака кревкиот глас, кој никој не го слуша. Вистината е дека како студенти, од една страна сме загрижени за нашето натамошно едуцирање, а од друга, исплашени од последиците со кои може да се соочиме доколку јавно се спротиставиме на овој чин. А фактот, дека ништо не можеме да смениме, воопшто не ни помага – се наведува понатаму во отвореното писмо.

Тие тврдат дека како како апсолвенти на Економскиот факултет, чувствуваат одговорност кон студентите кои го завршиле своето образование на овој факултет, кон студентите од помладите генерации и кон идните генерации кои планираат своето образование да го продолжат на овој факултет.

– Да се обидеме да го зачуваме квалитетот,  кои ни го овозможија сите  професори. Иднината на нашето образование, сега е во рацете на некој друг, а стабилноста и заштитата што мислевме дека ја уживаме, ни остави многу прашалници во главата. Како сега, да веруваме во сето она што го научивме од професорите, вклучувајќи ги и оние кои се директни соучесници во случајот. Останува опцијата, нашето натамошно образование да го бараме надвор од границите на УГД. Веруваме во човечноста и праведноста на  Ректорот, Деканот и останатите седум професори кои ја изгласаа оваа одлука, дека нема да останат имуни на овој искрен  и без никаква позадина обид,  повторно да размислат за исправноста на оваа одлука и да сторат се што е во нивни раце,  да најдат подобро решение за проблемот и да ја поправат настанатата штета – се наведува во писмото.

Поврзани новости