Апелација: Се уште не е донесена конечна одлука за „Ликвидација“

by fokus

Иако во текот на денот се очекуваше Апелациониот суд да донесе одлука за случајот „Ликвидација“, во кој, според првостепената пресуда, на 4,5 години затвор беше осуден новинарот Томислав Кежаровски, сепак од судот не информира дека се уште не ја донеле конечната одлука.

Судијата Сафет Кадриу за „Фокус“ појасни дека се уште одлучувале, но и напомена дека и да е донесена одлуката нема да можат да ја соопштат на јавноста, додека истата не се верифицира, за што пак, има рок од 60 дена од донесувањето.

Кежаровски беше осуден бидејќи, според судот, го открил идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“, и тоа дури пред пет години. На ваквата пресуда реагираа домашните и меѓународните организации.

-Новинарските текстови немаа за цел да го откријат идентитетот на заштитениот сведок, туку да разоткријат нечии валкани игри. Текстовите ги пишував воден од вистината, па затоа тврдам дека не сум виновен. Сите објавени информации се од јавен интерес, истакна Кежаровски на јавната седница во Апелациониот суд, кој додаде дека полесно ќе поминел доколку го прегазил заштитениот сведок на пешачки премин, па тогаш, според него, немало ниту да биде во притвор, ниту да лежи во затвор.

Во истиот случај судијата Иле Танев беше осуден на 2,6 години затвор, поранешниот истражен судија Валентин Зафиров на 5,6 години затвор, обвинителот Ивица Ефремов на 4,6 години затвор, пензионираниот врховен судија Борис Николовски и адвокатот Сашко Лазаров на една година, а по 1,6 година добија Јане Павловски – Тица  и Сабедин Џини- Хофман.

 

Поврзани новости