Анима Мунди: Да имале гости од Кина, ќе имале и кучиња на мени!

by fokus

Откако МВР објави дека поранешни функционери од полицијата, Управата за безбедност и контраразузнавање и Бирото за јавна безбедност трошеле илјадници евра за екстра луксузни вечери на кои се служело месо од бизони, коњи, морска храна и скапи вина и жесток алкохол, не стивнуваат бурните реакции во јавноста.

Како најкоментиран специјалитет убедливо се најде стекот од коњ, посебно поради тоа што во Македонија никогаш не било својствено да се конзумира коњско месо, ниту пак е познато дали и каде кај нас има одгледувачници на коњи, кои се наменети за исхрана, и дали воопшто и постојат кланици за истите. Но она што посебно ја заинтригира јавноста, е молкот на здруженијата за заштита на животните по повод темата, кои инаку се познати како големи борци за правата на животните, а имаат практика да реагираат дури и кога е ловот на дивеч во прашање.

По тој повод го контактиравме Столе Велковски, претседател на здружението Анима Мунди, едно од најстарите во земјава, кое датира од 2009 година, и неофицијално, има над 40.000 активисти на ниво на Македонија.

,,За нас нема разлика дали се јадат телиња, прасиња, кокошки или коњи. Исто така, за нас животот нема цена, без разлика за каков вид на животни станува збор. Немам што повеќе од тоа да кажам, да се стави акцент на еден вид на животно од тоа раскошно мени е лицемерие’’ – вели Велковски.

Тој додава дека не верува како коњите кои се служеле се од Македонија, и единствено Агенцијата за храна и ветерина може да даде веродостојни податоци дали кај нас има кланица за коњи.

,,Во половина западна Европа, посебно во Германија има посебни месари само со коњско месо, и не е тешко да се увезе. Но не сфаќам зошто за изеден коњ реакцијата би била поголема од таа за друго изедено животно? Не ја разбирам таа градација на вреднување на живот’’- тврди тој.

На нашата констатација дека најверојтано, покрај вискоката цена на коњското месо, и фактот што не сме нација која практикува јадење на коњи, но и менито на кое фалеше уште кучешко месо ги предизвика реакциите, Велковски коментира – Па немале гости од Кина, инаку би имале и кучиња!

По оваа негова изјава, ни остана во мисла прашањето – Што ли имало на менито кога кинезите им беа во посета на нашите функционери да договараат изградба на автопати?

Вики Клинчарова

Поврзани новости