Анѓушев: Во Владата има голем ентузијазам и позитивен дух

by fokus

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев беше главен говорник на панелот „Македонија – вртење на нова страница“, кој се одржа во рамките на „Трансатлантскиот економски форум – Градење мостови на Медитеранот“.

Вицепремиерот своето излагање го започна со краток осврт на политичките состојби во земјата пред и по формирањето на новата Влада. Тој истакна дека помеѓу министрите во Владата постои високо ниво на ентузијазам и позитивен дух, што е препознаено и кај граѓаните, но и кај меѓународната заедница кои даваат голема поддршка за Владините политики.

– Довербата од граѓаните на политиките и визиите на Владата се потврдија и на локалните избори во Македонија, кадешто од 81 општина, владеачката коалиција освои дури 70 градоначалнички места. Треба да се знае дека претходно, водечката партија на власта, СДСМ, имаше само 4 градоначалници. Ова најдобро илустрира дека граѓаните ги препознаа квалитетните политики и ентузијазмот на новата Влада – потенцираше вицепремиерот.

Тој посочи дека главни стратешки приоритети на Владата се членството во НАТО и ЕУ, бидејќи членството во овие организации е привилегија со која се добиваат нови вредности, сигурност, безбедност, можност за економски раст и развој.

За причините поради кои Владата добива голема поддршка од граѓаните и меѓународната заедница, вицепремиерот посочи:

– Прво, оваа Влада цврсто одлучи своите одлуки да ги носи на најтранспарентен и најдемократски начин. За сите прашања, особено за оние најсуштинските, се консултираме со експертите, науката, меѓународната заедница и со пошироката јавност. Второ, цврсто решивме Македонија да биде алка на соединување на земјите на Западен Балкан, а не камен на спрепнување. И трето, доста трошевме пари за споменици. Нам ни требаат инвестиции во инфраструктура: во патишта, железница, гасификација. Спомениците не носат напредок, без инфраструктура нема просперитет, рече Анѓушев.

Поврзани новости