Андријана Јаневска со новогодишна порака: Кои сме ние, што сме ние?

by fokus

Првата виолина во МОБ и поп музичар, Андријана Јаневска, со ретроспектива на годината што изминува. Вели дека 2017 ја испраќа со полно срце, задоволна од професионалните случувања и успеси, благодарна што животот и подарил два сина и сопруг со кој што има хармоничен живот и разбирање. Раскажува дека секој ден и е исполнет со работните обврски, но сепак никогаш не отстапила од строгото правило – да помине барем осум часа дневно со децата, исполнети со квалитетни активности, учење, игри, цртање или прошетки во природа. На народот пак, во Новата година му порача да прочита моќна порака од Лав Толстој, и според неа да се води во 2018, но и секоја наредна година.

-Во 2017 ми се случија убави работи на професионален план: Одржав голем солистички концерт во МОБ во придружба на оркестарот на МОБ за Василица, ја напишав и снимив музиката за филмот Hyro во соработка со австрискиот музичар и продуцент M.M.Willy. Го промовирав мојот сингл Children of the Cosmos во соработка со грчкиот текстописец Апостолос Стефанопулос, имав над десеттина соработки на музички план со музичари и продуценти од САД, Канада, Австралија, Велика Британија, Финска, Полска, Италија, Чиле…

Моето дело “Бог и јас” – циклус соло песни за мецо сопран, виолина, пијано и гитара премиерно го изведовме во Њујорк.

Заедно со сопругот Гино продуциравме три албуми во нашето музичко студио. Заедно со Тања Веда, а во издание на Просветно Дело издадов и книга „Слушни, пеј, играј“ заедно со ЦД со 15 традиционални детски песнички. На ФМУ имав дури 4 студенти кои дипломираа во мојата класа. Годинава исто така бев избрана за доцент на ФМУ, а по нарачка на американската компанија LOT 0057, напишав музика за реклама. Нормално, цела година работев во МОБ како прва виолина, работев и во студиото кај нас за други колеги, имам неколку мои млади ученици кои ги учам пеење – раскажува Јаневска за професионалните достигнувања во 2017 година, при тоа додавајќи дека сепак, најважното нешто со кое нема компромис, секогаш е нејзиното семејство.

-Најголем дел од времето го поминувам со моите деца, времето го организирам така што со нив сум по 8 часа секој работен ден, а за викенд сум им комплетно на располагање. Обожавам да пишувам домашни со Димитар, да го носам на музичко, да цртаме, да им читам приказни, да си играме со коли, да градиме со коцки… Димитар сака да истражува, па правиме експерименти. Од пролет до есен сме по цел ден надвор, се разбира доколку не е загаден возухот. Ништо не ми е тешко кога станува збор за децата! Овој предновогодишен период ни е еден од омилените, изработуваме украси од хартија, китење по дома, гледаме филмови заедно… Инаку годинава првпат откако се родени децата, со Гино бевме сами во Милано и Њујорк и навистина убаво си поминавме! Гино прославуваше 50ти роденден, па во Милано ги гледавме Radiohead, неговиот омилен бенд, а во Њујорк бевме сместени во срцето на Менхетн, бевме на претстава во Majestic на Broadway, бевме во многу музеји, вистински го доживеавме градот – вели Андријана.

Таа додава дека на денешен ден слави годишнина од брак со сопругот Гино, и дека е горда што имаат заеднички живот исполнет со разбирање.

-На 30 декември 2009 година се земавме со Гино, претходно бевме 4 години во врска. Како и во секоја врска (другарска, професионална, љубовна), така и во бракот најважно од се е взаемната почит. Денес ни е годишнина, среќни сме заедно, а во наредната година си посакавме да патуваме повеќе, цело семејство заедно – открива Јаневска.

Околу тоа што очекува од 2018 година, вели дека има една порака според која би требало да се водат сите. Се работи за зборови од писателот Лав Толстој, кои за неа биле еден вид на прирачник за среќен живот.

-На сите луѓе кои сакаат да се запознаат со радоста и со добрината, им препорачувам да го прочитаат ова – вели Андријана.

-Кои сме ние, што сме ние? Само ништожни суштества кои секој момент може да исчезнат; суштества кои само на кратко излегле од ништожноста во животот, прекрасен, радосен живот, со небо, сонце, шуми, ливади, реки, птици, животни, со среќа на љубовта, и кон најблиските и кон својата душа, кон доброто и кон целиот живот… и што, тогаш? Ние, тие суштества, не умееме ништо подобро отколку секој момент од тој неодредено краток живот, кој секој момент може да престане, да го уништиме со дваесеткатни згради, асфалт, чад, завлекувајќи се во тој нездрав стисок на градовите, копајќи под земјата за да стигнеме до камења, градејќи железнички пруги за по нив да одат никому потребните луѓе, и што е најлошо, со тоа да – наместо да се радуваме на животот, животот на љубовта – се мразиме, се плашиме, ги мачиме другите и себеси, се затвораме во темница, се казнуваме со смрт, учиме да убиваме и се убиваме меѓусебно. Освестете се, ослободете се од страшната инерција на таа заблуда – заблуда дека борбата, борбата за живот, може да биде својствена за човекот – и ќе се запознаете со радоста, добрината, светоста на животот, кои ништо не може да ги наруши, дури ни нападите од другите луѓе бидејќи тие напади само ќе ја зајакнат отпорноста на љубовта, ни стравот од смртта бидејќи љубовта е бесмртна – Лав Толстој.

Вики Клинчарова

Поврзани новости