Анализа: Зошто Иванов мора да замине, а Уставен да се изјасни за СЈО

by fokus

Љубиша Арсиќ

Што го прави Иванов зрел за заминување од функцијата? Тоа што при аболицијата го има прекршено Уставот и законите. А според правилата, ако уставните судии одлучат дека шефот на државата го прекршил највисокиот правен акт преку кој е конституирана државата, тогаш по автоматизам му прекинува мандатот. Но тука e Груевски да го искоординира тоа, дали преку пратениците кои не дозволуваат импичмент преку формираната собраниска комисија, во која го злоупотребуваат мнозинството, или пак, преку уставните судии кои никогаш нема да признаат дека Иванов не е достоен да ја преставува државата.

ОДЛУКАТА ЗА АБОЛИЦИЈА ИМАЛА НАМЕРА, АМА НЕ И СООДВЕТНОСТ И НЕОПХОДНОСТ

Одиме по ред за да заклучиме како Иванов го повредил Уставот и ги прекршил законите. Откако Уставниот суд го укина Законот за помилување од 2009-тата кој забрануваше аболиција на кривични дела поврзани со изборни нерегуларности, Иванов итно потпиша аболиција за спас на криминалците во ВМРО ДПМНЕ. При тоа тој се повика на член 11 кој предвидувал дека постапката за помилување може да ја спроведе претседателот без да постои предлог на Комисијата за помилување. Ова тело не само што не дало предлози, туку осомничениот, обвинетиот или осуденикот не поднеле молба до надлжените институции, што исто така е дел од процедурата. Ако се следат јавните настапи на еден од творците на Уставот, професорот Светомир Шкариќ, членот на кој се повикал Иванов претходно бил укинат и не постоел во правниот промет, што значи дека претседателот немал основа да се повика на укинат член и да помилува се живо и диво.

Членот 84 од Уставот предвидува дека претседателот дава помилувања согласно закон, што не е случај во конкретната ситуација. Дополнително, членот 79 од Уставот нотирал дека претседателот своите права и обврски ги врши согласно Уставот и законите. Но, Иванов ја измрдал својата позиција во извршната власт и се ставил над судската со тоа што ја суспендирал, а со тоа се ставил и над Уставот.

Со тоа, коментираат правници, Иванов го повредил и членот 8 од Уставот каде се наведени темелните вредности како владеење на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска затоа што се ставил над сите нив. Несвесно или намерно тој ги загрозил и другите вредности како политички плурализам и правото на непосредни слободни и демократски избори. Индиректно ги повредил и основните слободи и права на граѓанинот со тоа што помилуваните ги ставил во привилегирана положба. Помилувајќи ги оние кои учествувале во изборни нерегуларности овозможил сторителите да го спроведат одземањето на избирачкото право на граѓаните и тоа активното– некои кои добиле мнозинство гласови да не бидат избрани и пасивното– гласот на некои кои гласале за некого да немаат значење. Со ова Иванов се ставил над Уставот. Ете зошто тој е зрел да замине од функцијата, односно Собранието да испрати предлог до Уставен суд за да констатира дека Иванов ги прекршил Уставот и законите, а тоа би значело престанок на мандатот.

За да може актите со помилувањата да бидат правни тогаш е неопходно да се задоволи намерата, но и други претпоставки, како што е на пример објективната оправданост, а таа пак да биде неопходна и соодветна. Во потезите на Иванов очигледно е дека постои само намерата, но не и пропратните елементи. А намерата сама за себе е само волја на индивидуата која без неопходноста и соодветноста останува гола и не е правно правило. Затоа не е потребна само „добрата“ намера, туку нешто друго, а тоа не е обезбедено во одлуките за помилување и затоа одлуките за помилување не може да бидат правни акти. Зошто однапред се појави аболицијата? Во толку рана фаза, во која нема ниту обвинение? Со ова се минимизира неопходноста. Соодветноста пак ја нема затоа што едно лице е помилувано и по 15 пати, а тоа значи како да е доживотно аболицирано затоа што какво кривично дело да направат ќе се повикуваат дека и тоа е подведено под тие бројни аболиции. Само во ваков контекст мора да се анализираат одлуките за аболиција на Иванов и лесно ќе се утврди како тој го прекршил Уставот и законите што е основа за престанок на неговиот мандат.

И со последните одлуки, односно со повлекување на аболицијата Иванов презеде девијантно дејствије. Дали тоа значи дека одрекол од намерата поради кои ги донел, односно дали се откажа од надминувањето на политичката криза и со поништувањето стимулира криза? Дали со тоа тој е во функција на остварување на Уставот и законите или повторно излегува надвор од нив, а со тоа одново ги доведува под прашање темелните вредности? Наводното исправање на првата грешка го вовлече Иванов во втора. Очигледно дека намерата во првиот потег му била блеф. Тој дури сега генерираше политичка нестабилност, што не му е мисија според Уставот. Значи, Иванов во првата грешка аболицира неуставно, а со втората ја напушта политичката ориентација. Со ова станува јасно дека Иванов измислил дека  причина за аболицијата е политичката криза оти очигледно дека намерата била друга, додека со поништување на помилувањата има за цел да ги елиминира штетите и последиците што ги создаде со првата одлука.

УСТАВЕН ДА СЕ ИЗЈАСНИ ДАЛИ СЈО Е УСТАВНО

Сега  Уставен суд, истите судии кои му овозможија на Иванов да се избламира и да направи будала од себе, што и самиот го знае, ќе треба, ако сакаат секако, да се изјаснат за уставноста на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Имено Шарената револуција испорача барања пред да го радикализираат граѓанскиот отпор против режимот. Едното од нив е токму тоа- уставните судии да се произнесат за уставноста на СЈО за да може тимот на Катица Јанева слободно и независно да продолжи со истрагите и постапките. Дополнително, вакво барање постави и СДСМ кој застана зад граѓанските протести.

Иако СЈО го формираа сите партии, едногласно во парламентот, нејасно е зошто и натаму опстојуваат тезите за паралелна институција со Јавното обвинителство. Но, со оглед дека Уставен суд е инструмент на режимот тогаш се оправдани настојувањата на власта да го искористи тоа и да го има како последен удар врз Специјалното обвинителство. Знаејќи дека режимот преку невидливата рака може во секое време да ги принуди судиите да го прогласат СЈО за неуставно, граѓаните од Шарената револуција и опозицијата инсистираат тоа да биде итно за да се отстрани дилемата дали СЈО е уставно или не, односно да не може во иднина власта да ја користи како закана и да преземе дејствија во одреден момент кога ќе процени дека тоа ќе и оди во полза.

Факт е дека СЈО не преставува институционелан паралелизам, туку само реорганизација на постоечкиот систем или начин да се отстранат силните политички влијанија на невидливата рака врз редовното јавно обвинителство. Аргументи кои може да ги користат судиите во правец на тоа дека СЈО е уставно се неговото времетраење и специфичноста на постапките што ги води. Со оглед дека на СЈО му е определен рок од 18 месеци за покренување обвинителни акти или запирање на постапката, но и дека се занимава исклучиво со кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните снимки, што значи дејноста му се конкретизира, тоа не може да биде противуставно.

Неофицијално, петтемина уставни судии кои делуваат според политика, а не според правото, при обидот да го дискредитираат СЈО ќе го користат збророт единствен кој се однесува на Јавното обвинителство. Имено, Уставот го дефинира Јавното обвинителство како единствен и самостоен орган кој ги гони сторители на кривични дела. Специјалното обвинителство е самостоен орган, но не може да ја наруши единственоста на Јавното обвинителство. Тој џокер го имаат во рака уставните судии на Груевски и лесно може да ја оправдаат одлуката ако им се нареди дека СЈО мора да се прогласи за неуставно.

Значи од една страна судиите на власта ќе толкуваат дека се напушта единственоста која со Устав ја има Јавното обвинителство наспроти аргументите дека СЈО е формирано токму заради слабото функционирање на Јавното обвинителство, односно има ограничен мандат, конкретизирана дејност и дека Законот за специјалното обвинителство е донесен со две третини од гласовите на пратениците. Ако Уставен суд се реши да ја оценува уставноста на СЈО тогаш има три опции. Едната е да се отфрли иницијативата која е поднесена до судот и која стои во фиока и да не покрене постапка. Оваа варијанта е најпосакувана за Шарената револуција. Втората можност е да се покрене постапка и да се укине законот. Тоа значи дека се што презело како активност СЈО ќе премине во основните обвинителства или во Обвинителството против организиран криминал и корупција. Сите преземени мерки на специјалните обвинители ќе бидат важечки, како испрашаните сведоци и обезбедените писмени докази така и направените вештачења, само ќе недостасува волјата на тие обвинители да продолжат да постапуваат против криминалот на власта, или нема да смеат тоа да го прават ако се знае под чија команда делува Марко Зврлевски? И третата, најопасната варијанта е Уставен суд да го поништи законот и да се смета како тој воопшто да не постоел. Ова е најпосакуваната варијанта за Груевски и режимот затоа што така сите активности на СЈО потонуваат и се оди назад во првобитна состојба- кривичните постапки за криминалот на власта како никогаш да не биле отворени. Токму за да не и виси над глава на Јанева оваа опасност дека утре се ќе биде како да не постоеле, граѓанскиот отпор сака Уставен што побрзо да се изјасни за уставноста на СЈО.

 

Поврзани новости