Ана Бекута реагира: КАДЕ ОТИДОА ПАРИТЕ ОД „СТАРИОТ ЏУМБУШЛИЈА“?

by fokus

Српската фолк ѕвезда Ана Бекута тврди дека од Македонија, за својата популарна песна ,,Стариот џумбушлија,, која што ја отпеа на фолк фест ,,Валандово,, во 1991 година, со музика и текст на Петар Ѓорѓиев – Калица и аранжман на М. Божиновски, не добила ниту денар. Во изјава за српскиот весник ,,Ало,, таа вели дека според неа, забраната за емитување на македонска и на српска музика не е став на народот, и порачува дека забраните немаат ефект.

,,Мислам дека тоа нема врска со народот, туку со некаква неразумна политика! Искуството не учи дека забраните немаат никаков ефект, и тогаш цвета сивата зона. Ја разбирам младата нација која што сака да си го заштити својот јазик, култура и музика, но мислам дека забраните не се начин и тоа е непопуларна мерка. Не сум загрижена, ја сакам македонската музика, на која што и ја подарив песната ,,Стариот џумбушлија,, еден од најголемите хитови во последните 20 години. Знам дека публиката во Македонија ме слуша, цени и почитува, а тоа се стекнува со високи стандарди, постојаност и фер игра. Од Македонија никогаш не стигнаа пари за ,,Стариот џумбушлија,, и никогаш не добив ниту денар за емитување! Кој се буни и за што се буни? Мене ме интересира каде отишле тие пари, бидејќи не добив ниту денар. Минатата година добив признание за најслушана песна во изминатите 20 години на просторот на Македонија. Инаку, песната е снимена на македонски јазик,, – вели Бекута за ,,Ало,,.

Голем број на српски пејачи, на своите официјални интернет страници им порачаа на своите фанови да продолжат да ги слушаат нивните песни на интернет каналот ,,Јутјуб,, и изразија надеж дека проблемот со забраната наскоро ќе биде надминат.

Откако на 20 септември ЗАМП забрани емитување на македонска музика на радио станиците и телевизиите, кон забраната се приклучи и СОКОЈ од Србија, па во етерот веќе нема и српски песни. Српски СОКОЈ се решил на овој чекор како поддржка на ЗАМП, кој што бара зголемување на тарифата за емитување на музика, но и спречување на формирање на друго конкурентно здружение кое што понудило пониски тарифи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости