Амбасада на САД : Наша работа е да комуницираме со функционери и со политички партии

by fokus

Амбасадата на САД директно комуницира со претставници од Владата на Република Македонија и со сите политички партии, како дел од нашиот вообичаен дипломатски ангажман. Тоа е наша работа, одговори амбасадата на САД на барање на „Фокус“ да ги коментира објавените информации дека владејачката ВМРО – ДПМНЕ и платила на американската компанија Дашл груп и за средби и телефонски контакти со амбасадорот Џес Бејли.

Една од нотираните средби се одржала на 6 април годинава, непосредно пред закажаните парламентарни избори во земјава кои подоцна беа одложени. Истиот ден, на иста тема и исто така со Бејли компанијата навела дека имале и телефонски разговор, а до него била испратена и електронска пошта.

„Ние, исто така, зборуваме со граѓаните на САД кои се заинтересирани за овдешниот развој. Нашите позиции за политичката криза и за други прашања се добро познати“, се вели во одговорот на амбасадата на САД.

Радио Слободна Европа пишува дека во документот објавен на 28 октомври на американската државна агенција за регистрација за странски соработници во Министерството за правда конкретно е наведено дека за ВМРО-ДПМНЕ Дашл груп комуницирала со американската извршна власт и агенциите и со други личности и организации вклучени во владини и јавно политички прашања за теми кои имаат влијание врз интересите на ВМРО-ДПМНЕ.

Во документот се наведени и две исплати од ВМРО-ДПМНЕ за Дашл груп во износ од по 60.000 долари, едната реализирна на 19 април, а другата на 23 август односно вкупно 120.000 долари. Нивни преставник, пак, бил во земјава на седми септември и за тоа, како што е пријавено, биле потрошени 25.490 долари.

Поврзани новости