Алексовска вели дека врз неа се врши политички реваншизам

by fokus

Советничката на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје и претходно раководителка во Агенцијата за вработување, Слободанка Алексовска, вели дека врз неа се врши политички реваншизам, откако претходно беше деградирана за пет позиции и откако денеска беше објавено дека наводно ги злоупотребувала средствата од буџетот на Агенцијата за свои лични потреби.

Алексовска не демантира дека со средства на Агенцијата купивала козметика, цигари, прехрамбени производи и јаткасти плодови, но вели дека извршената ревизија претходно не констатирала никакви злоупотреби во Агенцијата.

-Неосновани се и целосно неточни обвинувањата на ВД Директорката. Да нагласиме дека во Центарот за вработување на Град Скопје Државниот завод за ревизија имаше извршено ревизија на работењето за 2015 и 2016 година и не е најдена забелешка во работењето на Центарот што докажува дека се изнесени лажни обвинувања – вели таа.

Според неа в.д. директорката Билјана Јовановска има за цел со низа постапки да ги избрка од работа поддржувачките на ВМРО-ДПМНЕ и да ги деградира службениците кои што не се политички истомисленици. Јовановска претходно дента објави и дека отворила дисциплинска постапка против Алексовска.

-Целта е јасна да се избркаат од работа сите поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ. Со прекршување на основните стандарди за вршење ревизија се прави упад во Центарот со цел да се изнесат фотокопии за да се манипулира со нив во јавноста, не се запазени стандардите и законската процедура за вршење на ревизија, а можно е и подметнување на документи, за што ќе се поведе постапка против сторителите. Извршен е и насилен упад и вербален напад по наредба на ВД Директорот Јовановска во канцеларијата на Раководителот во присуство на пет сведоци за што е пријавено и регистрирано ПС Центар и против сторителите ќе биде поведена постапка пред надлежните судови.  Раководителот има добиено лични навреди и закани за што ќе биде започната постапка пред надлежен суд за вознемирување на работно место и повреда на личниот углед, неприкоснованост на животот, и право на политичко делување. Насилието и незаконското деградирање од страна на власта продолжува – вели советничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Алексовска потсетува дека по нејзиниот приговор за прекршување на Изборниот законик со нејзино прераспределување за пет позиции пониско во Агенцијата, Комисијата за спречување на корупција одлучи дека е основан и ја задолжи Агенцијата во рок од 15 дена да достави соодветна документација.

Поврзани новости