Ах хоџи, хоџи

by fokus

Синдромот на “дежурен виновник“ повторно заживеа во Македонија и се шири пропорцијално со пролонгирањето на политичката криза. Полека но сигурно, “ празноглавите Албанци“ ги заменуваат Сорос и акредитираните западни амбасадори во земјата, меѓународната заедница…

Пишува: х. Сулејман еф. Реџепи

Постои една изрека што често се користи во спортот, а гласи: “Тој што губи, има право да се лути“  Но, во спортот лутината треба да се оправда, треба да се именува точно тој што згрешил или и нанел неправда на една екипа, на еден натпреварувач. На крајот,обично, спортистите си подаваат рака, се поздравуваат со судиите и се свртуваат кон следните натпревари.

За жал, во политиката не се случува така бидејќи кај нејзе нема ништо спортско. Во политиката, за поразот се секогаш виновни сите други освен тој што се буни и неговиот политички субјект. Сме виделе се и сешто и сме слушнале се и сешто од македонските политички губитници во текот на плуралниве години на Македонија. И, допрва ќе слушаме, бидејќи нашава политичка класа тешко ќе може да се преедуцира во догледно време и да си го адаптира однесувањето во склад со демократските принципи.

Дежурните виновници

Тешко е бремето на вина, улогата на обвинет, правдањата и објаснувањата што секогаш завршуваат со улога на губитник, и покрај тоа што си победник. Сме биле сведоци на молкот на обвинетиот, сме ја виделе нашата политичка и интелектуална елита окружена со гробна тишина, согласувајќи се при тоа на нај страшлив начин со лагите атрибуирани на сопствениот народ

И изминативе денови доживуваме вистинско стампедо, водено од платеничкиот интелектуален и политички башибозук што дефилира низ одредени медиуми. Тие, држејќи му страна на еден партијски лидер, се стуштиа врз албанскиот народ обвинувајќи го како празноглава маса што не знае да размислува и не знае да гласа без нечија команда.

Можеби ќе звучи тешко оваа проценка,но таквите интелектуалци и нивните политички ментори, во јавноста се проценети како хијени што живеат и напаѓаат исклучиво како глутница, тие не знаат што значи живот заснован на закони и на правила, тие го познаваат само пљачкосувањето и  светот во кој што тие го чинат законот, моќта, вистината, правдата

Во секој случај, синдромот на “дежурен виновник“ повторно заживеа во Македонија и се шири пропорцијално со пролонгирањето на политичката криза. Полека но сигурно, “ празноглавите Албанци“ ги заменуваат Сорос и акредитираните западни амбасадори во земјата, меѓународната заедница…

И, за да биде целосен муабетот, виновни да ти биле и хоџите бидејќи, од уво на уво шепнувале да се шири омразата кон владеечката македонска партија и така влијаеле гласовите на верниците да одат кај нивните противници.

Од оркестрираната кампања, Сорос, амбасадорите и меѓународната заедница нема потреба да ги штити никој, бидејќи тие самите се штитат. Исто така, и хоџите немаат потреба да ги штити некој, бидејќи ќе ги штитам самиот јас, и ќе се бранат тие самите со несоборливите факти и аргументи што ги поседуваат.

Вината како сираче

Морам да нагласам дека обвинението што се слушна од бившиот ни премиер дека хоџите го гласале неговиот противник, звучеше, во нај мала рака, не сериозно. Бидејќи, одговорно тврдам,хоџите немаат ништо со него, тие си имаат свои должности во организирањето на верскиот живот и во негувањето на духовните вредности на своите џемати.

За коректност, велам дека можеби и говорел некој хоџа против владеечката партија, но тоа останува индивидуална работа што не смее да се генерализира. Стојам зад наредбата на Исламската Заедница објавена пред изборната кампања  дека верските службеници не смеат да се инволвираат во кампањата на било која партија , на било кој начин. Таа наредба е во потполност испочитувана.

Инаку, случајно се подсетив дека кружеше муабет за некој поп, ми се чини од тетовско, за време на едни избори дека фрлил клетва, што гласеше : “Да му се исуши раката на тој што ќе гласа за шиптарите“. Така проколна попот, а многу православни верници се исплашија за своите раце. Но, никако да се сетам дека некој албански лидер во тоа време се жалел дека ги изгубил изборите поради пропагандата на поповите.

Значи, никој си нема никаква работа со хоџите во врска со по горе кажаното, а нивната индивидуална определба за кого ќе гласаат е граѓанско право загарантирано со закон. На крајот на краиштата, тие имаат на кого да му одговараат за евентуалните свои грешки.

Од руга страна пак, не можам а да не направам една забелешка во врска со обвинувањата што им се упатуваат на Албанците за расипувањето на изборните математики. Се прашувам, зарем не ќе беше по добро ако по некогаш политичарите во Македонија за нешто би ја превзеле вината на себе ?

Во дадениот случај, можеби некои од нив би требало да се запрашаат да ли можеби вината за одливот на гласовите во друг правец треба да ги побараат на друго место ?

Можеби кај лавовите и кај стиропорниот барок, кај камените коњи и силните споменици, кај недостатокот на канализација и водовод во приградски и градски албански средини, кај грч ладните училишта и бербат клиники, кај субвенциите за земјоделци што одат само кон одредени полиња во Македонија, кај руинираната скопска Стара Чаршија, кај смешните услови во албанските универзитети, кај селектираното запослување на младите, во стеснетиот животен простор, кај натписите  без албански јазик, кај упропастената култура, кај финасиите што се делат по некој чуден терк, кај…

Сосема на крај, во врска со настанатата ситуација,морам да прашам: Каде ли останаа нашите јуначишта , политичари, аналитичари и интелектуалци што се толку активни со бош муабети и фолк патриотизам, со рекла казала, зошто не застанаа заедно за да кажат: “ Не, Албанскиот народ не е празноглав, тој знае да размислува политички, знае да процени и да казни, тој знае да ги ориентира тие што ги гласал, тој е пример во регионот за толеранција и разбирање.

Нивниот молк е злокобна порака за народот што бара промени, пораз на албанската храброст, недостаток на љубов и спремост да се жртвува личната комотност за доброто на колективот. Нашите интелектуалци се кријат по ќошиња во времиња кога пред нивни очи се одвива една криминална манипулација со вистината и со фактите. Тие велат дека се бават со важни научни работи, ама каква ли полза имаат Албанците од нивната наука ако таа не помага да се открие вистината ?

Вината нема ниту татко, ниту мајка, сираче е. Би била вистинска добрина да се земе за рака.

 

Поврзани новости