А бре, Македонче: Болна леснотија на долгот

by Fokus

Текстот е објавен на 18 јануари, 2018 година во неделникот „Фокус“ во 1163

Пишува: Д-р Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Не знам кому од министрите во актуелната влада му се паднала паричката за веќе прославениот Божик, како и тоа кој ќе го фати крстот што за претстојниот празник Водици во водите на матниот Вардар ќе го фрла неговото блаженство г.г. Стефан, но во едно сум апсолутно сигурен – а тоа е поразната и болна вистина дека граѓаните на Република Македонија, без обѕир на нивната национална, верска, полова и социјална припадност, и ова Господово лето 2018 ќе го преживуваат натоварени со уште едно бреме тешко 500 милиони евра (се разбира плус камати).

Зини земјо голтни нѐ, направи нѐ пепел! Дали сме толку навистина грешни, слепи и глуви што не можеме да видиме во која бездна пропаѓаме и каде нѐ носи вителот на задолжувањето? Зар човек треба да биде навистина тотално глуп за да не може барем да насети, а уште повеќе да сознае кој е крајниот исход од безмерното и неконтролирано задолжување на државата на домашниот и меѓународниот капитал на пари!?

БОГ ДА ГО БИЕ КОЈ ПРВ ПОЧНА

Навистина, за актуелната влада можат да се најдат илјада и една причина за оправдување. Станува збор за наследени обврски од старата „домаќинска и одговорна“ власт на Никола Груевски, во чие време буџетот на државата и нејзиниот долг се зголемија повеќе од трипати. А тие обврски, нели, треба да се сервисираат. Ете и каматата на позајмените пари за актуелната еврообврзница е на рекордно ниско ниво од „само“ 2,75 отсто!? Што би рекол еден наш угледен економист, кој навистина го ценам, станува збор за камата од соништата!

Но, за жал, сонот е само сон и едно убаво утро, по пет или седум години, сеедно, ќе се разбудиме во суровиот свет на стварноста во која ќе мораат да се вратат денес позајмените пари. А за таква мала и сиромашна земја каква што е Република Македонија, тоа се многу, огромни пари. Се прашува ли некој, која е нашата економска и финансиска моќ да ги вратиме? И, ако ги вратиме, а ќе мораме да ги вратиме, затоа што тие што денес ни ги даваат така лесно и на рака заради тоа што имаат „доверба“ во актуелната влада, никому не простуваат!? Значи нема да ни простат ниту нам!

Токму тие се „автори“ на правилото дека од долг, данок и смрт никој не може да избега!

И затоа до „коска“ ме боли оваа леснотија со која и оваа влада така лесно посега по позајмувањето на пари на меѓународниот и домашниот пазар. Наместо да ги скратува трошоците за одржување и функционирање на државата по сите основи, таа и понатаму продолжува да се шета по веќе зацементираниот пат што пред неа го изодуваа сите претходни влади.

Како до свеста да не им допира дека позајмувањето и трошењето на туѓи пари е најдобриот начин да се стигне до пропаста на една држава. Не случајно „меѓународните кредитори“ толку лесно им даваат кредити токму на економски слабите држави. Тие од секогаш биле најлесниот плен за меѓународниот финансиски капитал.

Само глуп и неук човек може да превиди и да заборави дека ММФ, Светска банка, Парискиот, Лондонскиот клуб, како и слични други меѓународни институции кои позајмуваат пари, не се „меѓународни“ и „државни“ институции туку меѓународни организации на приватен капитал, чија основна цел и смисла на постоење е да бара и да наоѓа пласман на парите на своите акционери и основачи.

Затоа денес кога на тој меѓународен пазар на капитал има поприлично гужва создадена од присуството на многу „кредитни пари“ и на малку (помалку) заинтересирани субјекти за нивно користење, навистина е успех да се земе кредит со камата речиси на половина од онаа што ја договорила претходната влада, но треба да се знае дека и актуелната камата не е никаков подарок, туку само актуелна цена на капиталот на меѓународниот пазар.

Од таму, со сите оправдувања и нужности за одржливоста на ова актуелно задолжување, актуелната влада мора да опстои на своите предизборни ветувања за намалување на задолженоста на државата и за целосно и безусловно обзнанување на севкупните долгови што државата ги има кон домашните и странските кредитори.

КРЕДИТ ЗА „ПОЛИТИЧКО“ КОРУМПИРАЊЕ НА ВЛАСТА

Наш долг е да ги потсетиме премиерот Заев и актуелниот министер за финансии Тевдовски, дека јавно ветуваа дека до крајот на изминатата година ќе направат увид и јавно ќе ги соопштат износите на целокупните долгови кои државата Република Македонија, се разбира и единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, ги имаат кон своите кредитори. Без утврдување на јасна и конкретна бројка на веќе постојниот долг, сите економски проекции на оваа влада ќе стојат на стаклени нозе и ќе немаат своја објективна економска и социјална подлога.

Зошто тоа не го направија и дали воопшто имаат намера тоа да го направат останува неизвесно? Можеби сè уште не ги собрале и не ги сознале сите податоци, бројки и адреси на кои се води долгот, или, пак, напросто станува збор за политичка проценка дека е подобро да се молчи по тоа прашање и така молкум да се продолжи по патот по кој одеше и претходната власт!?

Секоја власт има потреба од пари. Факт и докажана реалност е дека со колку повеќе пари располага, толку е поголема нејзината можност да се вмешува и да прави пооделни „бумови“ во секојдневниот живот на граѓаните, претпријатијата и целокупниот економски и политички живот на општеството.

Затоа илузорно е да се очекува дека и оваа власт ќе се откаже од можноста да не ги искористува тие економски механизми кои краткорочно ја зајакнуваат нејзината политичка позиција пред граѓаните. Тоа се тие, од страна на претходната власт, веќе до совршенство доведени механизми на политичко корумпирање на власта и нејзините гласачи, кои најнакрај имаат трајно негативни економски последици и со тоа неминовно се свртуваат токму против оние кои на почетокот мислеле и биле уверени дека имаат најмногу корист од нив!?

Токму затоа и ваквите стратегиски финансиски и економски зафати на која било власт, за неа кажуваат повеќе од која било политичка активност и појавност. За жал, и на оваа власт во државата како да нема кој глас да пушти, да залелека и да затажи над тој факт. А ќе дојде време за плачење! За тоа не треба ниту многу ум, ниту многу мудрост. Доволно е да се фрли само еден поглед на југ, па многу јасно и сликовито да се види кои се последиците (економски и политички) од едно такво неконтролирано задолжување на државата над можностите на нејзиното стопанство и финансиската моќ на нејзините граѓани.

Лелекаат и пиштат нашите мили соседи Грци веќе неколку години. Нема месец и сезона да не се организира генерален штрајк, протест и што ли уште не против одново сè позаострените мерки за штедење, кои државата ги наметнува како услов да собере повеќе пари за раздолжување кон истите тие меѓународни кредитори кои денес така добронамерно и „другарски“ ја тапкаат по рамо и ѝ одобруваат кредити и на нашата влада.

Но, што ќе правиме тогаш кога ќе дојде време за враќање на позајмените пари!? Тогаш е веќе доцна. Тогаш меѓународните кредитори не се смешкаат и не тапкаат по рамо никого, па ниту нашите министри за финансии и премиери. Тие само просто и едноставно си ги бараат своите пари назад зголемени за приносите од договорената камата.

И толку! Ако го враќаш и сервисираш долгот никому ништо! Сè е во ред, дури ќе добиеш и други кредити за да ги вратиш претходните. Но, што ако се нема доволно пари да се вратат позајмените? Е тогаш настапува една цела многу суптилна армада на економска агресија врз државата должник. Тоа за меѓународните кредитори е веќе воспоставена рутина, која е испробана и проверена врз многу економски и политички посилни земји одошто е РМ.

Затоа со нив нема играчка. Тие ја имаат моќта на парите, а со тоа и моќта да поставуваат и сменуваат влади според своја мерка, вкус и потреби. Се разбира, не директно и со употреба на политичка и воена сила, но и со нивна примена, ако „демократските“ форми не ги дадат очекуваните резултати.

Затоа секоја влада, која барем малку има чувство за домаќинско однесување кон државата и граѓаните со кои владее, мора и треба да биде крајно внимателна и целосно пресметана за кои потреби, со колку пари и кога се задолжува било кај странските кредитори, било дома, затоа што и тие пари се пари позајмени од банки чии сопственици се странски лица.

ДПМНЕ ДА МОЛЧИ

Продолжувањето на „традицијата“ за позајмување пари за одржување на политичката и макроекономската стабилност беше редовна и крајно изострена практика на претходната власт. Затоа таа денес нема никаков морален и политички кредибилитет да ја критикува актуелната власт. Напротив, треба да биде задоволна што и оваа власт така слепо чекори по нејзините стапки, кои најнакрај (можат) да ја доведат на истото дереџе каде што е таа сега. Ова од проста причина што за падот на една власт не е пресудно само таа да биде нечесна и неодговорна.

Подеднакво со ова стои и потребата таа да создава и да испорачува таков економски развој на општеството и државата, кој неминовно ќе се одрази врз зголемувањето на економската моќ и животниот стандард на граѓаните. Без тоа, секоја политика останува само „гола форца“, која најнакрај се отчитува и доживува како демагогија.

Токму затоа и овој пат кога се земаат така големи кредити, секој од нас граѓаните треба да си го постави големото прашање: ќе заработи ли македонското стопанство доволно пари за да има моќ да ги врати веќе земените кредити и каматите за нив (само оваа година доспеваат над 160 милиони евра камата за веќе земени кредити), без тоа да предизвика негативни последици врз економскиот развој и стандардот на граѓаните!? Или, пак, и понатаму ќе останеме слепци, кои доследно и тврдоглаво чекорат во погрешен правец?

Со среќа трошењето (туѓи) пари!

Поврзани новости