ВМРО-ДПМНЕ ја искара Апелација, не требало да ги прифати „бомбите“ како доказ

by fokus

Откако Апелациониот суд одлучи дека „бомбите“ приложени како доказ во случајот „300“ на СЈО, за набавка на возила на МВР, може да се користат како доказ, со реакција се јавија од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека донесената одлука е незаконска.

„СДС е во паника пред локалните избори и му треба секаква помош за да ја дефокусира јавноста од катастрофалните политики што ги спроведува.

Затоа СДС врши притисоци врз сите институции да им завршат работа и да креираат димна завеса за јавноста да се занимава со се друго освен со неспособноста и хаосот што го креира Заев и неговите најблиски кои се единствено заинтересирани за лично богатење.

Затоа сме сведоци на правни преседани кои немаат никаква допирна точка со правдата и законите.

Владеењето на правото се дерогира со безаконието и прекршувањето на законите под притисок на владата на СДС.

Апелацискиот суд не смее да донесува одлуки во спротивност со законот.

Судовите во Република Македонија мора да работат исклучиво во согласност со законот и никако поинаку.

Апелацискиот суд, со одлуката со која ја уважува жалбата на СЈО за признавање на нелегално стекнатите разговори како доказ во кривична постапка, директно го крши чл.12 ст.2 од ЗКП, кој вели дека докази прибавени на нелегален начин не можат да бидат користени како доказ во постапка.

Апелацискиот суд, како и сите други судови во државата и претставници на државниот апарат мора да работат во согласност со законот, и никако поинаку.

ВМРО-ДПМНЕ ги предупредува сите функционери кои извршуваат јавна власт дека мора да работат согласно законот, секое поинакво работење ќе биде санкционирано и сторителите на криминал ќе треба да се соочат со кривична одговорност со враќањето на демократијата и правната држава во Република Македонија.

Граѓаните ја гледаат сета деструктивност и правен хаос во кој СДС ја втурнува државата, а казната за тоа ќе им ја испорачаат на претстојните локални избори на 15 октомври“ се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости