Судењето за „Диво Насеље“ денеска затворeно за јавноста

by fokus

Зад затворени врати денеска се одржува ново судско рочиште за случајот „Диво Насеље“. Судењето е затворено за јавноста бидејќи ќе се презентираат докази обезбедени со Посебни истражни мерки.

Овој судски процес стартуваше во февруари годинава, а со денешното, бројот на одржани рочишта е вкупно 28. „Фокус“ неодамна пишуваше дека досега за реализација на овој судски процес се потрошени над 1,3 милиони евра, односно толку пари биле дадени за спровод и обезбедување на обвинетите за терористичкиот напад во Куманово, до Основниот суд Скопје 1.

Според информации од Судот и МВР, до мај годинава за организирање на едно судско рочиште биле потребни од 35.000 до 45.000 евра, но откако бројот на обвинетите од 29 се зголеми на 37, трошоците се движат околу 50.000 евра од рочиште.

Организирањето на ова судење е екстремно скапо бидејќи поради голем безбедносен ризик, на денот на рочиштата, се ангажирани голем број на припадници на Министерството за внатрешни работи, односно на терен се Единицата за брзо распоредување, редовната полиција, затворската и сообраќајната полиција, а голем дел од трошокот отпаѓа и за ангажирање на хеликоптерската единица, бидеќи на секое рочиште хеликоптер го надлетува главниот град.

Дел од трошоците се и за организирање на спроводот на обвинетите од затворите каде што се наоѓаат во притвор, до Кривичниот суд. Обвинетите се сместени во неколку затвори, односно во Битола, Прилеп, Охрид, а дел се и во истражниот затвор „Скопје“.

 

Овој судски процес започна на 9 февруари годинава, кога на обвинителна клупа седнаа обвинетите за тероризам и терористичка организација за настаните поврзани со случувањата од 9 и 10 мај во Диво Насеље во Куманово.

В.В.

Поврзани новости