Македонска драма на Олимп: Десетгодишниот Ване ги искачи врвовите, дваесет и шестгодишен планинар заглави дваесет часа на карпа!

by fokus

Десетгодишниот планинар Ване Бошев од Неготино го освои Олимп. Заедно со група од околу педесет планинари, тој ги искачил врвовите Митикас и Скала. Митикас е највисокиот врв на Олимп на 2.918 метри и втор по височина на Балканот.

Целиот подвиг траел околу дваесет часа, а групата имала четири водичи. Во искачувањето учествувале планинари од планинарските друштва „Балкан“ од Белград, „Макпетрол“ од Скопје и „Неготино МКД“.

,,Временските услови беа добри, и нашиот подвиг помина во најдобар ред. Ване уште пред неколку години вети дека ќе го освои Олимп, сега му оставри и тој сон. Не застануваме овде, имаме уште многу врвови за освојување, и горди сме на успесите” – вели неговиот татко, Орданчо Бошев.

Подвигот се случувал на 25 и 26 месецов. Во исто време, на истата планина, друга група на планинари од Македонија имале вистинска драма.

Како што не информираа од планинарското друштво ,,I love hiking” од Скопје, нивни член, дваесет и шестгодишниот Н.И. се издвоил од групата и самостојно без опрема се обидел да се искачи на непристапен дел од врвот Стефани на Олимп, по што останал заглавен на карпа, каде што останал цели 20 часа.

,,Се чувствуваме повикани на јавноста да и појасниме детали во врска со информациите за настан што се случи минатиот викенд на планината Олимп во Република Грција, за кој информираа некои медиуми во Република Македонија.

Имено, на 25.06.2017 година, во доцните попладневни часови, откако група планинари на планинарското друштво I love hiking од Скопје пристигнаа во планинарскиот дом Јосос Апостолидис (2.697 м.н.в.), кој беше нивната финална дестинација за тој ден, Н.И, еден од членовите на друштвото, се издвоил од групата која во домот се одмараше и без знаење на водичите на групата, односно на своја рака, се упатил кон блискиот врв Стефани (2.909 м.н.в.). Притоа, Н.И.,кој имал намера самостојно и без неопходната опрема да се обиде да искачи стрмен и непристапен дел од Стефани, за таа своја одлука не информираше ниту еден член од групата.

Поради овој свој непромислен потег, Н.И. по извесно време останал заглавен на една карпа, но, за среќа бил забележан од присутните во домот, по што веднаш беа алармирани водичите и беше организирана акција за негово спасување.

Во повеќечасовната спасувачка акција учествуваа бројни спасувачи од Македонија, Грција и Србија и на сите нив, во оваа прилика, им изразуваме голема благодарност. Н.И. неповреден е вратен дома и се наоѓа во добра состојба” – информираа од друштвото, појаснувајќи дека од спасувачките екипи добиле укор.

Вики Клинчарова

Поврзани новости