Ѓоко Ѓорчев со гркинката Елизабет ќе снимаат дует, се уште се носи одлука дали песната ќе биде на македонски или на грчки јазик

by Fokus
Убавата гркинка Елизабет Христоу ќе снима дует со легендарниот поп пејач Ѓоко Ѓорчев. Договорот за дуетот ,,паднал’’ неодамна, по иницијатива на композиторот Григор Копров, кој го забележал струењето на енергијата помеѓу двајцата пејачи. Елизабет настапи на годинашното издание на фестивалот ,,Охридски трубадури’’ во Охрид, каде освои прво место од публика и второ од стручното жири.

На истиот фестивал, Ѓорчев ја доби третата награда од стручното жири. Токму во Охрид, позади сцената се случи и првата средба помеѓу нив двајцата. Веднаш по прогласувањето на наградените, возбудена поради високиот пласман, на Елизабет помеѓу првите и честиташе Ѓорчев.

,,Девојката имаше неверојатен светски настап на сцената во Охрид. Пленеше со глас, стас, но и со харизма, и заслужено ги освои највисоките награди. Веднаш по врачувањето на наградите, кога дојде позади сцена, целата возбудена и уплакана од среќа, и честитав. Таа ме прегрна, плачеше од радост на моето рамо, а откако малку се смири од првичната возбуда, ми рече – Ах, па ти си копија на Том Џонс! Твојот глас е неверојатен’’ – се присетува Ѓорчев на првата средба со Христоу.

Вели дека кога неодамна му се јавил неговиот долгогодишен соработник и пријател Григор Копров и му понудил дует со гркинката, без двоумење прифатил. И Копров сметал дека енергиите на Ѓоко и Елизабет одлично ќе се вклопат на сцената, па затоа специјално за нив решил да компонира дуетска песна.

,,Се уште ги прецизираме деталите околу песната, уште не сме одлучиле дали ќе се пее на македонски или грчки јазик, или пак некој стих ќе биде отпеан на нашиот, а некој на грчки јазик. Но тоа и не ни е многу важно, затоа што за музиката и општо за уметноста не треба да постојат граници’’ – вели Ѓорчев.

Тој деновиве интензивно се подготвува за својата турнеја низ земјава. Официјално, ќе ја започне со концерт во Гевгелија, на 27-ми октомври, и најави присуство на многу гости од сите музички области. Исто така, работи и на својот седми албум, кој ќе биде промовиран до крајот на годината, а на кој ќе се најдат и неколку дуети со познати оперски и поп пејачки.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости